Членките на ЕУ не се договорија за ембарго на нафта

Постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ не успеаја да постигнат договор за ембарго за увоз на руска нафта. Покрај Унгарија, против забраната за руската нафта се изјаснија и Словачка, Чешка и Бугарија. Разговорите за ова прашање ќе продолжат утре, информира Гардијан.

Како што пренесе БГНЕС, бугарскиот вицепремиер рекол дека неговата земја ќе побара исклучок доколку проектот на ЕУ предвидува таков механизам.

„Технолошки, Бугарија може без руска нафта, но тоа би довело до значително зголемување на цените на горивото. Затоа, ако Европската комисија разгледа исклучоци, ние би сакале да ги искористиме“, изјавил тој за весникот „Капитал“.

Европската комисија денеска предложи шести пакет санкции, вклучително и за извозот на руска нафта, според кој на компаниите од ЕУ им се забранува да купуваат нафта од Русија, а со цел постепено целосно да се укине увозот на руска нафта во Унијата. Предлогот дојде по неколкунеделни преговори во ЕУ, во услови додека земјите-членки се обидуваа да изнајдат алтернативни решенија за надминување на економските последици од таквиот потег.

Претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, претставувајќи го планот за целосно запирање на увозот на руска нафта до крајот на годината (во наредните шест месеци да прекине увозот на сирова нафта, а до крајот на годината и на сите рафинирани нафтени производи од Русија), истакна дека целта е да се „максимизира притисокот врз Русија“, при што подвлече дека процесот треба да се менаџира во фазен пристап, за да се зачува економската стабилност на блокот.

„Ќе се погрижиме постепено да ја исфрлиме руската нафта на уреден начин“, рече фон дер Лајен во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур додека го презентираше шестиот пакет санкции против Москва.

Прочитајте и:  Британија сега е директно вклучена во војната во Украина, вели рускиот амбасадор во Лондон

Во дебатата за социјалните и економските последици за ЕУ од руската војна во Украина, со француската делегирана министерка за интеграција – Брижит Клинкерт, и претседателката на Комисијата – Урсула фон дер Лајен, европратениците се согласија дека внатрешното единство и солидарност на ЕУ се клучни, сега но и за идната реконструкција на Украина. Тие го поздравија шестиот пакет санкции против Русија и пакетот за закрепнување на Украина.

Европратениците ја истакнаа потребата да се поддржат и граѓаните на ЕУ и претпријатијата погодени од војната, повикувајќи на единство меѓу земјите-членки. Тие, исто така, побараа поддршка за земјите кои се соочуваат со најголемите последици од војната, без разлика дали како последица на нивната зависност од рускиот гас и нафта, или поради нивното прифаќање на голем број украински бегалци.

Повеќето европратеници ја истакнаа потребата да се победи Путин, но исто така нагласија дека најдобар начин да се направи тоа е да се минимизираат трошоците со кои се соочува самата ЕУ. Ова ќе овозможи да се задржи единството меѓу земјите-членки, да се ублажат ефектите врз домаќинствата и претпријатијата, и да ѝ се овозможи на ЕУ подобро да и помогне на повоената реконструкција на Украина.

Европратениците ја нагласија и маката на оние во ЕУ кои мораат да изберат помеѓу купување храна или загревање на нивните домови, и исто така побараа од Комисијата да размисли од случај до случај дали да продолжи со ново законодавство што би можело да додаде дополнителни оптоварувања на веќе претпријатијата во тешкотии.

Извор: МИА

- Реклама -