Зеленски предупреди за руска офанзива во источна Украина, обвини и за „маченички комори“

Киев, 18 април 2022 (МИА) – Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди за претстојна офанзива на руските сили во источниот дел на Украина, за време на своето видео обраќање, јави Си-Ен-Ен.

Според Зеленски, руските војници подготвуваат офанзива операција во источниот дел на Украина. Тој тврди дека „ќе почне во блиска иднина“.

„Тие сакаат буквално да завршат и да го уништат Донбас. Да се уништи сè по што некогаш беше познат овој индустриски регион. Баш како што руските војници го уништуваат Мариупол, тие сакаат да избришат други градови и заедници во регионите Донецк и Луганск“, смета украинскиот претседател.

Зеленски додаде дека во Харков руското гранатирање уби петмина жители и остави 15 лица ранети во текот на вчерашниот ден. Во изминатите четири дена, вкупно 18 лица биле убиени, а 106 ранети од руското гранатирање на Харков.

„Ова не е ништо друго, туку намерен терор. Минофрлачи, артилерија против обични станбени населби, против обични цивили“, подвлече Зеленски.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

Руските сили ги обвини и за хуманитарни прекршувања во регионите Херсон и Запорожје, во јужна Украина.

„Таму се изградени соби за мачење. Тие киднапираат претставници на локалните власти и сите што се сметаат за видливи за локалните заедници. Тие уценуваат наставници. Тие крадат пари наменети за исплата на пензии. Хуманитарна помош блокирана и украдена. Тие вршат изгладнување“, нагласи украинскиот претседател.

Си-Ен-Ен пишува дека засега медиумот немал можност да ги потврди овие тврдења на Зеленски.

„Секојдневно расте потребата од ембарго за испорака на нафта од Русија. Сите во Европа и во Америка веќе гледаат како Русија отворено ја користи енергијата за да ги дестабилизира западните општества. Облогот на Русија за хаос на пазарите на гориво не треба да успее“, смета Зеленски.

- Реклама -