Во еден ден над 5.000 приведени во Русија на протести против инвазијата на Украина

Во текот на вчерашниот ден, руската полиција привела над 5.000 лица кои протестирале против руската инвазија на Украина, во десетици руски градови, пренесе МИА.

Според официјалните информации на ОВД-Инфо од следењето на апсењата за време на протестите, полицијата привела најмалку 5.016 луѓе. Како што јавуваат медиумите, се работи за досега невиден број на апсења во еден ден, што е повеќе и бројот на приведени за време на бранот протести минатата година во Русија, кога беше затворен опозицискиот лидер Алексеј Навални.

Навални пак, од својата затворска ќелија, преку јавен апел деновиве ги повика Русите да протестираат против војната.

Руските демонстранти, со излегување на улица, ризикуваат да бидат осудени на затворска казна.

Според официјалните документи, 2.394 лица се уапсени само во Москва. Во Санкт Петербург пак, приведени се најмалку 1.253 демонстранти.

Протести имаше и во помали градови во руски региони.

 

Прочитајте и:  Русија ги отфрли обвинувањата дека стои зад саботажата во Франција
- Реклама -