Ковачевски: Сѐ што се разговара со Бугарија е во духот на Резолуцијата и европските вредности

Сѐ она за што се разговара со Бугарија е во духот на Резолуцијата што е донесена во нашето Собрание и во духот на европските вредности, истакна премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите по денешниот увид на активностите на терен за изградба на делницата Крупише-Кочани од експресниот пат Кочани-Штип.

Во коментар за барањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за писмени гаранции од ЕУ и Бугарија за македонскиот јазик, идентитет и малцинство наспроти нивното барање за Бугарите во државава, Ковачевски посочи дека разговорите со Софија се водат во духот на европските вредности и врз основа на задржување на дигнитетот на граѓаните на двете држави.

„Во Собранието веќе имаме донесено Резулуција врз основа на која ги имаме поставено нашите преговарачки позиции во овој процес. За сѐ она што се случува во рамки на преговорите министерот Османи веќе информираше на целодневна расправа на Комисијата за надворешна политика во Собранието, а после секоја средба што ја има со своите бугарски колеги тој тоа исто така го прави и пред граѓаните. Исто така и јас и премиерот Петков во своите настапи по нашите средби ги објавуваме сите детали за кои се разговара и можам да ве уверам дека сѐ она за што се разговара е во духот на Резолуцијата што е донесена во нашето Собрание и во духот на европските вредности. Се разбира, во целиот тој процес е вклучена и Европската комисија бидејќи на крајот на денот преговарачката рамка треба да биде одобрена од сите земји членки на ЕУ и врз основа на тоа Македонија да го добие датумот за почнување на првата меѓувладина конференција“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Кондов за понудата на Орбан: На Бугарија не и требаат посредници

По најавите за пролетна офанзива од опозицијата и барањата за единство, премиерот повтори дека сите треба да бидат обединети во справувањето со најголемите предизвици со кои се соочува државата бидејќи ова е кризна година.

„Кога зборуваме за единство тогаш зборуваме за единство во однос на сите проекти, а кога опозицијата и Мицкоски зборуваат за единство тогаш тука има еден проблем затоа што се работи за една обилна невистина со оглед на тоа што секој напредок во разговорите со Бугарија се користи за да се креираат тензии, лажни вести, да се измислуваат нови декларации кои никој не ги поддржува во републичкото Собрание. Исто така, ние со Република Бугарија имаме нов пристап во разговорите каде што се разговара на теми коишто значат подобар живот за граѓаните, подбра комуникација, подобра економија и подобра соработка помеѓу двете држави“, рече Ковачевски.

Тој дополни дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не поддржале ниту една од таквите иницијативи и како што наведе, „единствено гледаме само обвинување за некакви пазарења“. Притоа, повтори дека се води транспарентен процес во кој и министрите за надворешни работи и за евроинтеграции и тој како премиер информираат за секоја средба, како преку медиумите, така и соодветно во комисиите во Собранието.

МИА

- Реклама -