Американски конгресмен бара забрана за воена помош за Украина додека не се изгради ѕидот кон Мексико

Вашингтон, 9 февруари 2022 (МИА) – Мат Розендејл, републикански конгресмен од Монтана, излезе со предлог-закон со кој се предлага забрана за испраќање воена помош за Украина од страна на САД сѐ додека не заврши изградбата на ѕидот и не се постигне оперативна контрола над целата јужна граница кон Мексико.

Претседателот Џо Бајден ја запре изградбата на ѕидот долж американско-мексиканската граница што ја почна неговиот претходник Доналд Трамп.

„Истовремено кога во нашата земја срамно пропаднаа обидите да се осигура безбедност на сопствените граници и заштита на нашиот територијален интегритет, политичарите од двете партии водени од принципот ‘Америка на последно место’, ни зборуваат дека наш долг е да го правиме тоа за Украина“, се вели во изјавата на Розендејл.

Прочитајте и:  Подољак: Украина ќе престане да испорачува руска нафта и гас во Европа

Предлог законот поднесен во Претставничкиот дом предвидува засилување на пограничниот ѕид со челична ограда во висина од девет метри, осветлување по целата должина, камери за набљудување, сензори и технологија за откривање тунели.

„Пред да нѐ вовлечат во уште еден странски конфликт поради границите на источноевропската држава, која е илјадници километри од нашите брегови, подбуцнувачите на војни барем треба да осигураат безбедност на нашата јужна граница“, додаде конгресменот.

- Реклама -