Пендаровски ќе оди на средба со Радев со цел да дадат „позитивен придонес“ за надминување на спорот

Претседателот Стево Пендаровски денеска најави дека за не повеќе од еден месец ќе оди во официјална посета на Бугарија. Тоа го договара со својот бугарски колега Румен Радев, а целта е двајцата да дадат позитивен придонес во надминувањето на спорот меѓу двете земји.

Пендаровски на тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“, повтори дека стартот на новата фаза од билатералните односи е одличен, но далеку сме сѐ уште, како што напомена, од подлабоко навлегување во процесот на решавање на проблемот и негово евентуално позитивно завршување.

„Ќе се обидам многу наскоро да дадам и личен придонес во процесот зашто мислам дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде контрибуција. За не повеќе од месец, планираме, договараме со мојот колега Радев официјална посета на Бугарија. Мојот став е дека двајцата претседатели мора да дадат позитивен придонес за успешно завршување на овој процес зашто тоа е стратегиски интерес на двете држави. Убеден сум дека Радев го дели моето мислење“, истакна Пендаровски.

Тој ја поздрави и новата методологија, подвлекувајќи дека сепак, сѐ уште сме во иницијална фаза во која двете страни искажуваат добри желби како би сакале да се одвива процесот.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

„Мислам дека станува збор за одличен почеток на оваа нова фаза од нашите билатерални односи. Има две нови влади, двајца нови премиери кои не доаѓаат од старата школа, се слуша нова реторика, се чувствува нова енергија, а има и нова методологија – нови работни групи, комисии, наместо лисабонските предлози. Но, морам кристално јасно да кажам, станува збор само само за почеток, за иницијална фаза во која двете страни искажуваат добри желби како би сакале процесот да се одвива. Но, далеку сме од подлабоко навлегување во процесот и сѐ уште многу далеку од негово евентуално позитивно завршување“, рече шефот на државата.

Пендаровски се осврна и на проширувањето на ЕУ, потенцирајќи дека поддршката кај граѓаните за овој процес се намалува, не само во земјава, туку и во целиот регион, а антизападната реторика во медиумите во целиот Западен Балкан е во неверојатен пораст и има тенденција да стане доминантна.

- Реклама -