Радев: Согласноста за почеток на преговорите не е врзана за рокови, правата на македонските Бугари не можат да бидат предмет на преговори

Софија, 10 јануари 2022 (МИА) – Давањето согласност за почеток на преговорите за членство во ПЦМ во ЕУ не треба да биде врзано со рокови, туку со постигнување реални резултати, вклучувајќи го и односот за правата на македонските Бугари, изјави бугарскиот претседател Румен Радев по седницата на Консултативниот совет, посветен на европската интеграција на Западен Балкан, а особено на Република Северна Македонија и Албанија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, по шестчасовната средба учесниците ја потврдија подготвеноста на Албанија да ги почне преговорите за членство.

Правата на македонските Бугари не можат да бидат предмет на преговори, истакна претседателот Радев за националната позиција за Република Северна Македонија. Тој истакна дека европската интеграција на Западен Балкан е од стратешки интерес за Бугарија, што се совпаѓа со интересите на партнерите од ЕУ и НАТО.

„Констатирано беше дека земјата-кандидатка четири години по потпишувањето на договорот во 2017 година не го направи тоа што е потребно за негово спроведување и не гарантира за спроведување на преземените обврски“, рече Радев во однос на СРМ.

Пред 30 години, на 15 јануари 1992 година, Бугарија прва во светот ја призна денешна Република Северна Македонија како новосоздадена независна држава.

Радев истакна дека постои децениска политика на дискриминација на македонските Бугари, која во последно време ескалира во отворени јавни напади врз граѓаните кои се изјасниле за своето бугарско потекло. Потребни се сеопфатни, насочени активности за враќање на довербата и интензивирање на билатералната соработка во сите области од заемен интерес, а особено инфраструктурните проекти што се фокусираат на Коридорот 8. Бугарската Влада мора да предложи формирање на заеднички работни групи за интензивирање на билатералните врски.

Бугарскиот претседател им се заблагодари на сите учесници во Советот за постигнатиот консензус и истакна дека е исклучително важно политичарите да бидат обединети.

- Реклама -