Претседателот на СДСМ и мандатар – Димитар Ковачевски, планира Владата да ја предложи околу 10-11 јануари идната година, односно во пократок рок од уставно предвидениот.
Во интервју за Канал 5 вечерва Ковачевски додаде дека принципот на одговорност ќе биде одлика на управувањето.
„Технократскиот начин на управување обично се поврзува со цврста рака на владеење, меѓутоа за мене тоа значи еден мерит систем на раководење, каде што секој којшто извршува одредена јавна функција, треба одговорно и чесно да ги извршува своите задачи, согласно со зададените цели. Секој, низ личен пример, да работи во интерес на граѓаните и да одговара при непостапување“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека од работата на новата Влада може да се очекува силна посветеност на економските реформи во државата, силна посветеност на справувањето со најгорливите прашања, а тоа се предизвиците од енергетската глобална криза, корупцијата, владеењето на правото, како и продолжување на патот за влез во ЕУ.
Денеска Ковачевски го доби мандатот за состав на нова влада од претседателот Стево Пендаровски.
„Врз основа на членот 84, став 1, алинеја прва од Уставот на Република Северна Македонија и известувањето за предлогот за мандатар доставено од СДСМ, а поддржано од политичките партии во состав на коалцијата кои заедно го имаат мнозинството пропишано со Уставот во Собранието, за мандатар за состав на владата го определувам Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ“, рече претседателот Пенадровски во вила „Водно“.
Лидерот на СДСМ изјави дека доделениот мандат за него преставува чест и одговорност.
„Од денес почнувам со формирање на новиот тим луѓе кои треба да одговорат на сериозните предизвици кои не чекаат од почетокот на следната година“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека сме соочени со долгогодишни проблеми и дека затоа се потребни стабилни, храбри и одговорни луѓе кои, како што рече, ќе понесат одговорност да се соочат и да ги надминат сите препреки со цел заштита и грижа за граѓаните.
Најави дека новата влада ќе има јасна цел – обезбедување сигурност, подобар живот и иднина за граѓаните.
„За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што ќе биде одлика на тимот кој јас како мандатар ќе го составам“, нагласи Ковачевски. Најави дека ќе се залага да се врати довербата на граѓаните во полиитиката и во институциите. Вети дека ќе се залага за независни институции и правично општество.
Ковачевски додаде дека фокусот ќе биде на економксиот развој на земјата и финансиска поддршка за семејствата. Според него, не смееме да дозволиме политички поделби и бескрајни расправии кои, како што рече, прават голема штета на развојот и реализација на проекти и реформи кои се потребни за подобар живот на сите. Најави надминување на разликите и брзо обединување за приопритетите за брзо да напредуваме.
Извор: МИА