Горбачов: САД станаа арогантни по распадот на Советскиот Сојуз

Москва, 24 декември 2021 (МИА) – Поранешниот советски лидер, Михаил Горбачов, денеска изјави дека Вашингтон станал „арогантен и самоуверен“ по распадот на Советскиот Сојуз, што доведе до проширување на НАТО.

„Како може да се смета на еднакви односи со САД и Западот во таква позиција?“, изјави Горбачов за државната новинска агенција РИА Новости, во очи на годишнината од неговата оставка како лидер на СССР.

Тој го истакна „триумфалното расположение на Западот“, посебно на САД, откако Советскиот Сојуз престана да постои во 1991 година.

„Тие станаа арогантни и самоуверени. Прогласија победа во Студената војна“, рече 90-годишниот Горбачов.

Тој потенцира дека Москва и Вашингтон „заедно“ го спасија светот од конфронтацијата и нуклеарната трка.

Прочитајте и:  Американски сенатор: Залудно е да се преговара со тиранинот Путин

„Не, ‘победниците’ решија да изградат нова империја. Оттука и идејата за проширување на НАТО“, додаде Горбачов.

Сепак, тој ги поздрави претстојните безбедносни разговори меѓу Москва и Вашингтон, при тоа истакнувајќи оти се надева дека истите ќе вродат со резултат.

Изминатите години, рускиот претседател Владимир Путин повеќе пати предупредуваше дека НАТО се приближува до границите на Русија, а Москва минатата недела побара „правни гаранции“ дека Алијансата предводена од САД ќе го запре ширењето на Исток.

- Реклама -