Мицкоски: Да сме додаделе „едно мало зборче – Бугари“ во Уставот… А што не применат тие една мала Резолуција за човекови права, макар најмалата?

Бугарија си игра „игри без граници“ со земјава, поставувајќи нереални барања, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.

„Ако некој нема волја да ја крене рампата, може да каже ‘ајде скини го она највисокото јаболко што се наоѓа на дрвото’, и јас ако речам ‘не можам да го скинам тоа’, тој да ми одговори ‘ааа, е па чим не можеш, тогаш не може да го тргнеме ветото’. Тоа се игри без граници. Јас сум сериозен човек, да зборуваме за сериозни работи. Јас еве сум подготвен да зборувам за железницата, утре да седнеме. Подготвен сум утре да зборувам за образованието“, рече Мицкоски.

Тој подвлече дека наместо за историја, треба да се зборува за дигитализација, за вештачка интелигенција, за подобра економија, за туризам…

„Ама сега вие да ми кажувате дека Гоце Делчев не бил Македонец, туку Бугарин, дека тоа е ветото… Дека мојот јазик не бил македонски, туку бил дијалект на бугарскиот, дека дедо ми бил Бугарин… Тоа се работи за кои што нема добар соговорник кај мене. Јас не сум добар соговорник“, истакна лидерот на најголемата опозициска партија.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Тој се осврна и на барањето Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав, инсистирајќи на реципроцитет.

„Да се отворел Уставот и да се додадело ‘едно мало зборче Бугари’. Па едно мало зборче нека додадат тие – ‘Македонци’,  ако е толку мало“, порача Мицкоски, додавајќи дека Бугарија е членка на ЕУ и би требало да ги споделува европските вредности кога станува збор за Македонците во рамките на нејзините граници:

„Зошто не применат една од резолуциите за човекови права од Стразбур? Една, еве мала Резолуција. Нека биде најмалата, нека ја изберат. Нека ги регистрираат друштвата таму на нашите Македонци. Нѐ гледаат со потценување, затоа што настапот ни е со потценување. Одат коленичат таму. Преговараат за мојот идентитет. Не е во ред“, изјави Мицкоски, додавајќи дека е доста од коленичење и потценување.

Мицкоски денеска го критикуваше и новиот бугарски премиер Кирил Петков, затоа што, според Мицкоски, тој уште повеќе ги проширува бугарските барања кон Македонија и пројавува уште потврд став. Од неговите изјави, оцени Мицкоски, се гледа дека „храброста не му е карактерна особина“ (повеќе ТУКА).

Извор: МИА

- Реклама -