Заев: Отворен Балкан не е замена, туку природна реакција на нашите држави поради некомпетентноста и неуспесите на ЕУ

Белград, 21 декември 2021 (МИА) – Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите Зоран Заев и Еди Рама одговарајќи на прашање за влијанието на различните брзини на евроинтегративните процеси врз иницијативата Отврен Балкан, порачаа дека трите држави заеднички се подржуваат на евроинтегративниот пат, а со Отврен Балкан, кој не е замена на ЕУ, работат нешто што го правиме самите за себе, јави дописникот на МИА од Белград.

„Отворен Балкан не е замена за ЕУ, туку природна реакција на наште држави заради некомпетентноста и неуспесите на ЕУ. Отворен Балкан е Европа, тој е европезација на регионот и многу повеќе ќе можеме да направиме со наши сопствени сили и одговорности што ќе ги преземеме кон граѓаните. Ако регионот е посилен, заедно ќе биде посилен кон Европа што ќе ги мултициплира ефектите кон граѓаните“, изјави премиерот Заев, на новинарско прашање.

Претседателот Вучиќ посочи дека прашањето на Отворен Балкан е вистинска визија. Тоа, рече, е визија на различен Балкан, визија на наш Балкан од кој не сакаме да се срамиме, туку да бидеме горди со него, со подигната глава, заеднички да работиме и отвориме подобар простор за нашите народи и подобри животни стандарди и да застанеме рамо до рамо заедно со нашите пријатели од Скопје и Тирана.

„Србија сто проценти ги поддржува интеграциите на Северна Македонија и Албанија. И секогаш бевме со таква поддршка. Од самитот во Софија почнавме да говориме со еден глас. И тоа беше изненадување за европските домаќини и потоа секогаш се сложувавме за се. Речиси сто проценти. Ако не прашате нас, ние сме единствената земја која има отворено четири поглавја и конференцијата која неодамна се случи во Брисел не може да влијае на нас затоа што ние сме многу посветени кон овој процес на Отворен Балкан, и ќе направиме се што е можно и што знаеме и умееме секогаш да бидеме на страната на Македонија и Албанија кога зборуваме за процесот на евроинтеграција на двете земји. Тоа е паралелен процес, нешто што го правиме за самите себе. Македонија и Албанија не направија грешки, туку се работи за некои лица од други земји од ЕУ. На луѓето во вашите земји треба да им кажете дека направивте се што ви се бараше, а не го добивте она што ви беше ветено. Имавме среќа нашите ветувања барем ги исполнија, но не го направија тоа кога збориме за Македонија и Албанија“, изјави српскиот претседател.

Според албанскиот премиер Еди Рама, оние кои не сакаат да успеее Отворен Балкан велат дека тој е алтернатива на евроинтеграциите, дека тоа повторно ја формира Југославија, а всушност Отворен Балкан е пат кон ЕУ.

„Ние полека ќе почнеме да им се обраќаме и на членките на ЕУ, Грција, Унгарија и Италија на почеток и ќе почнеме да ги собираме во овој процес на Отврен Балкан, кога станува збор за заедничкиот регионален пазар,паралелно со процесот на влез на заедничкиот пазар на ЕУ. И вака Отворен Балкан може да помогне. Кој нас ќе ни поверува, дека имаме начин и пат како можеме поедноставно да влеземе во вашата империја на ЕУ, ако не можеме да покажеме со своите дела дека сме на ниво на стандардите на ЕУ….Ние мораме да продолжиме напред и во нашите земји да изградиме рамка на ЕУ стандарди на живот“, изјави албанскиот премиер Еди Рама.

- Реклама -