Маричиќ за „Дело“: Дијалогот со Бугарија треба да се темели на европските вредности, а не на тоа „кој е посилен“ или е членка

Проширувањето на Европската Унија треба да се одвива по претходно утврдени принципи, реални заслуги и испорачани резултати, но Унијата треба и да даде временска рамка и план за проширувањето на земјите од Западен Балкан, истакна
министерот за правда Бојан Маричиќ, во интервју за словенечкиот весник „Дело“.

„Ние навистина направивме сѐ и покажавме искрена желба за решавање на отворените прашања, водејќи се од европските вредности. Затоа верувам дека проблемот со Бугарија може да се реши низ директен дијалог. Но, она што за нас е важно е тој дијалог да се темели на европски вредности и принципи, а не на основа ‘кој е посилен’ или пак кој е член на Унијата, а кој не е”, порача Маричиќ.

Тој вели дека за него прашањето со Бугарија не е само билатерален спор, туку и ситуација за која во иднина Европската Унија треба да дефинира што може држава членка на Унијата да бара од држава кандидат.

„Ние сме подготвени за дијалог и веќе разговараме за отворените прашања, но, исто така сме подготвени тие отворени прашања да ги третираме и во текот на преговорите со ЕУ. Но, во никој случај не сме спремни да се откажеме од македонскиот јазик и од нашиот идентитет“, категоричен е министерот, додавајќи дека Владата покажала дека е составена од прогресивни сили кои навистина веруваат во политиките на ЕУ и нејзините вредности, кои очекувааат Унијата, нејзините институции и земјите членки да дадат свој придонес и заложба за нашата евроинтеграција.

Извор: МИА

- Реклама -