Бугарија и на 14 декември нема да ја промени позицијата кон Македонија, за Албанија дава зелено светло

Бугарија нема да ја промени позицијата во однос на започнувањето преговори на земјава за членство во ЕУ, соопштиле од Министерскиот совет за БГНЕС.

Како што пренесува агенцијата, од таму прецизирале дека „Бугарија ќе се придржува кон Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година во врска со проширувањето на ЕУ и Процесот на стабилизација и асоцијација на Република Северна Македонија и Република Албанија, како и кон Рамковната позиција во однос на европската перспектива на Република Северна Македонија и Албанија усвоена од Министерскиот совет на 9 октомври 2019 година и поддржана со декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година“.

Како што дополнува репортерот на БГНЕС, таа позиција Бугарија ќе ја брани и за време на состанокот на Советот за Општи работи, кој ќе се одржи на 14 декември во Брисел.

„За Бугарија одлучувачки останува основниот принцип на сопствени заслуги на секоја одделна земја-кандидат. Бугарската страна верува дека Албанија е подготвена за напредок по патот кон ЕУ и е подготвена да го поддржи усвојувањето на Преговарачката рамка за земјата и одржувањето на првата Меѓувладина конференција“, гласи позицијата на бугарската влада.

- Реклама -