Таравари вели дека Заев нудел пари на пратеници, Заев бара извинување или ќе тужи

Премиерот Зоран Заев најостро ги демантира изнесените лаги и дезинформации дека наводно тој или било кој друг по негова насока нудел пари на пратеници, соопштија вечерва од Владата по повод изјавата на градоначалникот на Гостивар и генерален секретар на Алијанса за Албанците – Арбен Таравар.

Во „Тема на денот“ на ТВ „Сител“, Таравари изјави дека е јавна тајна дека „премиерот и негови другари шетаат со куфер“ и им нудат пари на пратеници од опозицијата за да прејдат во власта, но изјави и дека Заев лично ѝ понудил пари на нивна пратеничка, кои таа, според него, веднаш ги одбила.

„Нашата пратеничка група е компактна, а имало знаеме дека господинот Заев со пари им се приближува на повеќе пратеници и ова е јавна тајна и тоа сите го знаат, им предлага да им даде одредена сума на пари за да преминат, но нашите пратеници се одлучни и знаат дека нашата цел е подобро утре за сите, а не да се биде дел од криминалци и корумпирана влада“, изјави Таравари во „Сител“.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Набројувајќи дел од, како што рече, стотиците скандали на оваа власт, меѓу кои и исчезнувањето на Кастриот Реџепи на денот на гласање недоверба на владата, Таравари, прашан дали обидите за поткуп на пратеници ги пријавиле во институциите, истакна дека никој не им верува на институциите и дека во „ненормална држава“ вакви работи се стандард.

За премиерот Заев, пак, ова е груба манипулација. Во соопштението на Владата, тој побара Таравари веднаш јавно да ја повлече изнесената клевета, а во спротивно се закани со правни дејствија.

„За оваа груба манипулација, лага и клевета ќе бидат преземени сите правни дејствија низ правосудните институции доколку господинот Таравари веднаш јавно не ја повлече изнесената клевета и доколку јавно не се извини“, се вели во демантот.

- Реклама -