Левица поднесе кривична пријава против Шкодране Дардишта за „чизмите на таван“

Правниот сектор на Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднел кривична пријава против актуелната владина членка на Одборот на директори на АД „Телеком“ и поранешна директорка предложена од ДУИ на заедничките служби на Клиничкиот центар во Скопје – Шкодране Дардишта, информираа од партијата.

Пријавата е поднесена поради, како што велат од Левица, постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ – казниво по чл. 319, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена затворска казна од една до пет години.

„Пријавената се терети дека по пат на информациски систем, на социјалната мрежа Фејсбук, објавила заканувачки статус во кој се повикува на Војната од 2001 година, во која животот го загубија стотици македонски граѓани. Кривичното дело е сторено против државата и нејзините државјани, со цел да се повредат националните чувства на Македонците, а инспирирано од длабока национална омраза и меѓуетничка нетрпеливост. Побудите од кои се водела обвинетата при вршење на ова кривично дело се понижување на безбедносниот систем, т.е. упатување отворена закана по јавната безбедност на државата, преку повикот за напад врз државните институци и преку сеење страв и загрозување на сигурноста на сите граѓани кои живеат во Републиката и кои истата ја чувстуваат и сакаат како своја татковина“, се вели во соопштението.

Прочитајте и:  Левица: Божиновска е еклатантен пример зошто се залагаме за укинување на двојното државјанство за највисоките функционери

Од Левица потенцираат дека очекуваат надлежното обвинителство сериозно и експедитивно да ја земе во работа нивната, како што велат, издржана кривична пријава, и по неопходниот распит на пријавената, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за овој кривичноправен настан, да покрене обвинение против дотичната.

- Реклама -