Битиќи пред седницата на ИО на СДСМ: Оставката на Заев е демократски чин, но во моментов тој му е потребен на општеството

„Треба да се подготвиме за четврток, затоа што пред нас се големи предизвици, и општествени и економски, за коишто сметам дека денеска ќе расправаме и ќе видиме кое е најдоброто решение“, изјави вечерва вицепремиерот и потпретседател на СДСМ – Фатмир Битиќи, пред почетокот на седниците на Извршниот и Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз.

Во врска со најавената оставка на премиерот и лидер на СДСМ – Зоран Заев, Битиќи истакна дека таквиот потег го смета за демократски чин.

„Мора да се навикнеме на такви демократски чинови, но тоа не значи дека премиерот Заев не ни треба. Сметам дека во овој момент тој му е потребен на општеството и му треба на владеењето во државата и понатаму. Така што не знам дали денеска на дневен ред ќе расправаме за неговата оставка, но сметам дека има побитни теми. Енергетската криза, економската криза, пандемијата која што очигледно има нов бран и секако севкупниот предизвик во којшто државата се наоѓа“, додаде Битиќи.

Тој додаде дека раководството на партијата не бега од одговорноста за резултатите на локалните избори, бидејќи „тоа е морален и етички, но секако и демократски чин“.

Запрашан дали има идеи за евентуално нов лидер на СДСМ, Битиќи само кусо одговори: „не, сѐ уште е рано“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ – Оливер Спасовски, пред седниците изјава дека на нив ќе се разговара околу актуелната политичка ситуација во државата.

„Ќе разговараме за сето она што е интерес на граѓаните, на државата, останувањето на патот по којшто се движи државата, мирот, безбедноста, стабилноста. Најважно е тоа да се почувствуваат граѓаните сигурни и тоа ќе биде дискусијата на Извршниот и на Централниот одбор“, изјави Спасовски.

Според најавите од партијата, главни теми на седниците се очекува да бидат оставка на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, анализа на изборните резултати и последните случувања на политичката сцена по поднесената иницијатива за доверба на Владата.

Од СДСМ во изминатите денови информираа дека се водат секојдневни консултации и работни состаноци со партнерите во коалицијата од парламентарното мнозинство, како и во рамки на највисокото партиско раководство.

„СДСМ продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да ја обезбедиме стабилната иднина на нашата држава и целиот наш народ“, истакнаа од партијата.

МИА

- Реклама -