Власта е делегитимирана, неопходни се брзи предвремени парламентарни избори – бара Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бара брзи предвремени парламентарни избори кои, како што вели, ќе овозможат формирање стабилна влада способна да се соочи со предизвиците пред кои е исправена земјата. Формирање ново парламентарно мнозинство, според него, нема да помогне во решавање на наталожените проблеми, туку само ќе доведе до преговори и разговори и разводнување на капацитетот за управување на институциите и ќе креира погрешна слика која нема да ја пресликува волјата на народот изразена на изборите кои штотуку завршија.

„Затоа во овој момент најдобро решение за Македонија е без одлагање брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат цврста и стабилна влада за решавање на актуелните проблеми и вадење на Македонија од кризата во која оваа корумпирана Влада ја втурна. Брзи избори за кои нема да има алтернатива затоа што е потребна стабилна влада и наминување на кризите со кои ќе се соочиме“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција во партиското седиште.

Изборите, нагласи, се светло на крајот на тунелот и патот до промените кои, како што потенцира, само тогаш ќе бидат целосни.

„Брзите избори ќе треба да обезбедат влада која ќе спроведува политики кои ќе решаваат проблеми и ќе ја донесат новата иднина во која веруваме и за која се бориме. Воедно нова влада треба да ги релаксира и односите во општеството за да се стави крај на поделбите и конфликте и посеаната омраза која е во функција на заштита на криминалот, да се донесе правда и сигурност да зачекориме во подобри времиња иднина каква секој еден гражанин заслужува“, рече Мицкоски.

Според него, сегашната власт е апсолутно делегитимирана на локалните избори, на кои како што нагласи, доколку се земат првиот и вториот круг во предвид разликите со кои ВМРО-ДПМНЕ победила со 110 илјади гласови разлика.

„Тоа е и јасна порака до сите нас, до целокупното општество за новата реалност која што се случува. А, таа е дека владата е целосно делегитимирана и нејзините политики го немаат повеќе кредибилитетот помеѓу народот. Меѓу другото, скептиците кои нема да се согласат со овој факт, ги демантираат бројките кои погоре ги споменав, затоа што тоа е волјата на народот“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска е уште една продолжена рака на Заев во СДСМ

Дури и ако премиерот Зоран Заев си поднесе оставка, рече Мицкоски, тоа нема ништо да промени, затоа што, како што нагласи, ќе останат на функција неспособните и корумпирани министри кои ја доведоа земјава во оваа лоша состојба.

„На крајот и самиот Зоран Заев ја стави во влог неговата кариера, а самите локални избори се доживеаја како референдум за актуелната влада и народот жестоко ги казни. Се ставам на страната на народот и неговите интереси“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека доколку Владата го одбие предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, и, како што рече, ја одбие подадената рака за брзи предвремени парламентарни избори, тоа значи дека целокупното неуспешно функционирање од овој момент па натаму ќе бидат исклучиво на товар и одговорност на оваа Влада.

„Подаваме рака затоа што наш интерес е интересот на граѓаните – веднаш оставка, веднаш распишување брзи предвремени парламентарни избори, да ја завршиме работата што е можно побргу, консултации со ДИК да видиме колку дена им се потребни да го подготват овој изборен процес и да ги спасиме граѓаните од понатамошно тонење, криминал, корупција, срам и понижување. Тоа е она кое што ВМРО-ДПМНЕ и јас го нудиме денеска пред македонската јавност на Владата која што е во заминување“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека партијата не се откажала од ново парламентарно мнозинство, бидејќи, како што рече, тоа е потребно за да бидат распишани брзи предвремени парламентарни избори.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека согласно сегашното законско решение до одржување на изборите ќе треба да функционира техничка Влада.

МИА

- Реклама -