Нема антибугарска кампања во тврдењата на СДСМ дека кандидатката за градоначалник на Скопје – Данела Арсовска, има бугарско државјанство, вели Бојан Маричиќ во гостување во „Трилинг“ на „ТВ24“, прашан дали била направена таква пи-ар проценка пред партијата да реши да ги објави документите за кои тврди дека ѝ припаѓаат на Арсовска.
„Тоа што Данела Арсовска има бугарско државјанство воопшто не е проблем, ниту пак е лоша работа. Проблемот е што изрекува невистини и не ја прифаќа вистината којашто е очигледна и којашто е проверлива“, рече Маричиќ.
Тој вели дека информацијата стигнала до нив непосредно пред да ја објаваат и дека сакале да им укажат на граѓаните.
„Сакавме да укажеме, бидејќи сега дојдоа тие информации до нас, на една неискреност од страна на кандидатката на опозицијата. И ако е подготвена за ова прашање да не ја каже вистината, можеме да претпоставиме дека има и други работи за коишто не сака да ја каже вистината или не сака да даде одговор за јавноста“, вели Маричиќ.
Тој тврди дека „СДСМ воопшто не се впушта во антибугарска кампања“, туку „се впушта во кампања против лагите, манипулациите и изрекувањето невистини“ кои, вели, доглго време биле одлика на ВМРО-ДПМНЕ.
„Прво тие велеа дека е независен кандидат, а реално е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа ние удираме акцент на тоа што не се говори вистината, а не што има бугарско државјанство“, рече Маричиќ.