ВМРО-ДПМНЕ шири невистини, МВР е гарант за сите слободни избори од 2017 до денес – велат од МВР

„Во јавноста не е изнесен ниту еден доказа за наводно ‘координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе’, ниту дека Министерството за внатрешни работи на кој било начин е дел од таква операција“, се вели во новиот демант од МВР по повод обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ за постоење на параполициска злосторничка група од над 40 полицајци која работи за Зоран Заев и Оливер Спасовски и правела црни списоци на автомобили за отстранување од сообраќајниот, организирала физичко следење, давала наредба за измислување прекршоци и правела списоци за гласање.

„МВР нема креирано група на Вибер“, се бранат од МВР, од каде тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ шири невистини.

„На денот на изборите, на 17 октомври, во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле“, се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.

Прочитајте и:  МВР поднесе кривична пријава против екс-министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска

Од МВР посочуваат и дека започнале внатрешна истрага за утврдување на фактите, со оглед дека, како што велат, Вибер групи или графички прикази од групите може да се креираат и изработат во секое време и од секого, при што додаваат дека до нив не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите какви што биле презентирани на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„МВР претставува гарант за сите слободни избори од 2017 година до денес и ќе продолжи да биде и понатаму“, додаваат од министерството во демантот, откако опозицијата, покрај наводните пораки, ги објави и со имиња полицајците кои наводно се дел од групата.

- Реклама -