Тодоров: За да се постигне решение е потребна самокритичност и од бугарската страна во поглед на историјата

Историчарот Петар Тодоров – член на мешовитатата комисија за историски прашања со Бугарија, вчера во гостувањето на ТВ „Сител“, откри дека ќорсокакот во работата на комисијата на последниот состанок се случил вчера утрото, а не напладне, како што тврди копретседавачот од бугарската страна во комисијата – Ангел Димитров.

Тодоров, посочувајќи дека мора да реагира на изјавата на Димитров дека „работата одела добро но нешто се сменило во последен момент“, истакна дека промена се случила во однесување на членовите на бугарскиот дел од комисијата:

„Откако го доставивме предлогот, сабајлето кај нив нешто се случи и почнаа одеднаш да ја засилуваат реториката, иако претходно рекоа дека треба да продолжи работата“, изјави Тодоров.

Во однос на наводните политички притисоци врз работата на комисијата, историчарот категорично демантира дека било кој во државава вршел притисок врз нив, но не е сигурен дали истото е случај и со неговите бугарски колеги. Како што рече тој, забележителна промена во однесувањето на бугарските членови на комисијата имало по усвојувањето на Рамковната позиција во бугарското Собрание во октомври 2019 и по објаснувачкиот Меморандум по однос на преговарачката рамка за разговори меѓу ЕУ и Северна Македонија.

„Се почувствува одеднаш прилагодување на бугарската комисија кон тие документи и одлуки, што доведе до тоа сѐ потешко и потешко да работи Комисијата“, рече Тодоров за „Сител“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Немам намера да прифатам катастрофални грешки од минатото, прифатлива алтернатива за уставните измени е одложеното дејство

Според него, Комисијата треба да продолжи да работи и со тоа да се оневозможи историјата да биде алатка за радикализација на луѓето за политички цели.

„Не може да се расправаме за историјата. Треба да се уважуваат различните погледи за минатото кои постојат во двете држави. Само преку градење на емпатија и разбирање на погледите може да дојдеме до таа заедничка цел, а тоа е градење добри односи. Ако едната страна се обидува да наметне наратив на другата страна, нема решение“, вели историчарот.

Според него, во решавањето на овие прашања треба да има поголем форум на научници и нивна поголема вклученост, но кои нема да бидат мотивирани од желба да не биде постигнат договор и да се злоупотребува историјата во двете страни, туку кои ќе се водат од желбата за надминување на проблемите, притоа уважувајќи го другиот и почитувајќи го неговиот идентитет. За да се постигне решение е потребна самокритичност и од бугарската страна во поглед на историјата и нејзиното толкување, додава тој.

Тодоров е категоричен и дека нема никаков простор за обвинувања дека членовите на македонскиот дел во комисијата вршат некакво предавство. Тоа веднаш би се потврдило кога јавно би се објавиле решенијата, а со тоа би се спречиле и злоупотребите и манипулациите со јавноста, смета тој.

Извор: МИА

- Реклама -