Петар Тодоров, членот на македонскот дел на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, тврди дека никој во земјава не врши политички притисок во работата на оваа Комисија.
Членовите, вели тој, работат врз основа на научни принципи со заштита на националните интереси и никако не може да стане збор дека вршат некакво предавство на овие интереси, категоричен е Тодоров.
„Досега сите ние во Комисијата заедно со колегата Ванчо Ѓорѓиев заедно сме постигнале решенија и препораки до двете влади за кои сметаме дека помагаат во надминување на проблемите кои постојат во двете држави зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, на Македонците и другите етнички заедници. Никогаш научните принципи не биле предмет на компромис или на дискусија во рамките на тимот. Секогаш сме се држеле до научните принципи во работата на Комисијата и тие ќе останат непроменети“, рече Тодоров во гостување на ТВ „Сител“.
Тој нагласи дека ниту тој, ниту било кој друг член на Комисијата трпел некаков притисок од Министерството за надворешни работи, од Владата или од некоја политичка партија.
„Најодговорно тврдам дека во ниту еден случај никој не дошол, дали станува збор за некој чиновник од МНР или политичар, да дојде да ни каже вака или онака треба да работите за да се дојде до решението“, рече Тодоров.
Додаде дека кај сите во земјава, па и посочените субјекти, има интерес за тоа што го работи Комисијата, бидејќи, како што рече, нејзината работа за жал, поради бугарската страна и нивниот пристап, се нашла во фокусот на интересот на политичката јавност во Софија и Скопје, но и во Брисел, Париз и Берлин.
Според него, ништо не е променето во последните два дена во однос на тоа што се работело во изминатиот период иако, како што рече, неговиот колега Ѓорѓиев тоа го кажува како причина за оставката.
„Денеска и вчера разменетите предлози и предлог идеи во ништо не отстапуваат од оние што беа разменетои во изминатиот период“, рече Тодоров.
Тој нагласи дека секое решение до кое досега дошла Комисијата е во согласност со националните интереси.
„Никој не врши предавство и затоа никој да не ја злоупотребува Комисијата и нашата работа за да се промовира тој пристап. Ние во Комисијата сметаме дека ако треба може да се објават уште сега во овој момент решенијата на Комисијата за да се разбие таа фама дека нешто се продава и ќе се види многу јасно што е договорено и ќе се види дека нема никакви предавства со кои се манипулира во јавноста. Јас да можам да ја имам таа моќ веднаш би ги објавил. Тврдам дека нема никакво предавство“, рече Тодоров.
Извор: МИА