Радев со поддршка за барањата Бугарите да влезат во Уставот, но и за очекувањата за „објективна одразеност“ во резултатите од пописот

Почитувањето на човековите права и недискриминацијата се фундаментални принципи вградени во основите на Европската унија и затоа тие треба да бидат водечки критериум во политиката на европроширувањето, истакнал денеска бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со министерот за надворешни и европски прашања на Хрватска – Гордан Грлиќ-Радман, кој е во официјална посета на Софија.

Според кабинетот на Радев, двајцата се согласиле дека во интерес на стабилноста на Балканот европската перспектива на земјите од регионот е од клучно значење, но предуслов е исполнување на сите критериуми за проширување. Вклучувањето на земјите од регионот и втемелувањето на демократските вредности на Балканот е важно не само за обединета Европа, туку најмногу е во интерес на сите граѓани од регионот, додал Радев.

Прочитајте и:  Мицкоски за пренамена на средствaта за Коридорот 8: Жалам што Бугарија за внатрешно-политички потреби прави политика од сето ова

Во тој контекст, бугарскиот претседател ги оценил како алармантни случаите на дискриминација и на системско прекршување на човековите права на македонските граѓани со бугарска самосвест. Радев, во тој поглед, изразил поддршка за нивната желба да бидат вклучени меѓу набројаните народности во преамбулата на нашиот Устав, но и поддршка за очекувањата за „нивна објективна одразеност“ во резултатите од пописот кој беше спроведен во земјава.

„За нас е важно меѓу младите луѓе од РСМ да не се всадува омраза кон Бугарите“, изјавил, исто така, Радев, посочувајќи ги како пример учебниците во државава кои, како што тврди, содржат „изопачени толкувања во претставувањето на Бугарија и Бугарите“.

- Реклама -