Мицкоски: Од Прилеп се дигна македонската борба против бугарскиот фашистички окупатор, доаѓа крајот на продавањето на македонските интереси

Доаѓа крајот на продавањето на македонските интереси, порача вечерва од Прилеп претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкосски.

„Денеска од Прилеп, од градот од каде што се дигна македонската борба против бугарскиот фашистички окупатор порачуваме – доаѓа крајот на продавањето на македонските национални интереси. Доаѓа крајот на оваа Влада што не направи ништо освен што се обидува да го продаде македонскиот идентитет“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека владата сѐ уште не научила дека народот веќе не живее во минатото и дека кај овој народ, како што рече, не поминува плашењето од минатото.

„Овој народ не признава порази и знае да се избори во она во што верува. Историјата нѐ учи на големи победи и нѐ учи да не ги повторуваме истите грешки. Затоа, Зоран Заев знае дека народот не им верува веќе на приказните каде мисли дека со креирање на страв ќе остане на власт. Овој народ има желба за промени“, рече Мицковски.

Според Мицкоски, бришењето на „бугарски окупатор“ од плочите од НОБ – е бришење на историјата.

„На народот му е доста од разочарувања. Време е за нова иднина што сите заедно ќе ја создаваме“, порача тој, додавајќи дека Македонија нема да се предаде пред приказните на Заев и дека нема да поминат неговите поделби.

„Антифашистичката борба, илинденците, оние светли моменти од македонската историја, нѐ потсетуваат дека не смееме да паднеме во апатија, дека не смееме да се откажеме од борбата за подобро. Овие моменти од македонската историја нѝ велат дека е време да станеме пак во борба за повисоки вредности, за држава каква што заслужуваме“, рече Мицкоски.

Слични пораки лидерот на ВМРО-ДПМНЕ испрати и во денешната честитка по повод 11 Октомври. Овој празник, како што рече, е врежан во колективната меморија на Македонија како ден кога слободољубивоста повела и потоа победила.

Прочитајте и:  Мицкоски за пренамена на средствaта за Коридорот 8: Жалам што Бугарија за внатрешно-политички потреби прави политика од сето ова

„Ако некои народи велеа дека е подобро да се живее на колена, отколку да се загине на нозе, нашиот народ реши да се исправи на нозе и да крене глава за слобода, и се запиша помеѓу народите предводници на антифашистичката борба. Ние им ја должиме слободата на тие што се избориле за неа, но им должиме и на идните генерации, нашите синови и ќерки, нашите внуци да им ја оставиме слободата каква што сме ја добиле. И да се бориме за напредок, за добар живот и за стабилност и сигурност за секој човек“, истакна Мицкоски во честитката.

Тој оцени дека се наоѓаме во време кога „повторно слободата ни се ограничува, кога се прават поделби, кога нема одговорност за никого и ништо, кога книгите завршуваат во депонија, кога луѓето не чуствуваат сигурност, кога со нашето наследство власта прави трговија“ и дека повеќе од сигурно е дека се потребни промени.

„Партизаните, нашите втори илинденци залудно не газеа по снеговите, не се бореа и гинеа за слободата за да денес прелесно допуштаме поигрување со таквото наследство, врежано во колективната меморија на слободарските антифашистички народи во Светот, на чие наследство како Македонија имаме попно право да се повикуваме. Никој нема право, а најмалку тие кои ја водат државата, да внесуваат сомнежи, ниту поделби или да прават трговија со нашата колективна заслуга во борбата против фашизмот. Наша задача денес е да издвојуваме победа на разумот, на нашето право да создаваме нова иднина за нашите луѓе. Тоа е иднина темелена на морал и принципи. Нашите луѓе се пркосни, храбари, работливи и знаат што сакаат. Овој народ си ја сака среќата и местото под ова парче небо. И овој народ ќе се избори. За многу години 11-ти Октомври. Вечно да се паметат хероите од Антифашистичката борба“, порача Мицкоски во честитката.

- Реклама -