Османи: Реципроцитет не е можен бидејќи уставното уредување на Бугарија тоа не го дозволува

Краткото име, говорот на омраза, рехабилитацијата на жртви на комунизмот, работата на историската комисија и немешањето во внатрешните работи на Република Бугарија, се петте точки кои се постојана тема на разговорите со нашиот источен сосед за надминување на спорот и почеток на преговорите со ЕУ, изјави денеска на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи, појаснувајќи дека делот „плус еден“ кој се споменуваше вчера на самитот во Брдо и од високи претставници на ЕУ како можно решение, се однесува на вклучување на Бугарите во македонскиот Устав.

Патоказот, рече Османи, би требало да биде готов до почетокот на ноември, а во него би имало решенија кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес.

Шефот на дипломатијата, притоа, истакна дека барањето за вклучување на бугарската заедница во Уставот не е спротивно на нашите интереси, бидејќи, како што рече, земјава никогаш немала проблем да признае различни етнички групи кои имаат можност да ги манифестираат своите идентитетски, културни, историски атрибути.

Освен тоа, Османи смета дека Бугарија, со барањето за вклучување на Бугарите во нашиот Устав, се поместува од првичната нејзина „ирационална“ позиција за „еден народ – две држави“ и наместо тоа зазема позиција дека во земјава постои бугарска заедница со свои идентитетски и културни атрибути од таа на мнозинската заедница.

„Самиот факт што заедно со другите заедници – македонската, албанската, турската, се бара како посебна да се вклучи и бугарската заедница, е на линија на ставот дека во РСМ постојат различни етнички заедници кои имаат право да ги искажат своите атрибути, меѓутоа тоа ќе се случи како што кажа и премиерот, во моментот кога ќе се отвори Уставот заради членство во ЕУ. Ние немаме никаков проблем да ја вклучиме и хрватската заедница и другите заедници, бидејќи таков ни е концептот на уредување на државата во којшто признаваме колективно организирање на граѓаните врз основа на етничките карактеристики“, рече Османи.

Тој потенцираше дека не е можен реципроцитет од типот вклучување на македонското малцинство во Уставот на Бугарија, бидејќи, како што рече, станува збор за две различни уставни уредувања.

„Значи, ниту има турска заедница, ниту има каква било друга заедница, затоа што уставното уредување е такво да тие не признаваат организирање на етничка основа, за разлика од Уставот на РСМ кој што познава и признава организирање по етничка основа. И затоа тој реципроцитет не е можен, бидејќи РСМ се има обврзано со Договорот дека нема да се меша во внатрешното уредување на Република Бугарија, односно во ова уставно уредување кое што не познава организирање по етничка основа. Но тоа не значи дека граѓаните немаат право да се изразат како што сакаат“, рече министерот за надворешни прашања.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Премиерот Заев, прашан за ставот на Османи дека реципроцитет не е можен, „одговори“ дека вклучувањето на Бугарите во нашиот Устав апсолутно никојпат не било проблем.

„Нашиот Устав ја препознава разноликоста во етничкиот карактер и тој ги набројува и Македонците и Албанците и Србите и Турците и Ромите и Власите и Бошњаците и другите. Земјите што пристапуваат барем од регионот и во последните години, да кажам деценија и пол од 2004 година па наваму, еден голем дел од нив имаат пракса при отворањето на Уставот непосредно пред полноправното членство во ЕУ да ги додадат и другите етнички заедници освен мнозинската етничка заедница што стои. И нашиот Устав е структуиран токму на тој принцип. Сум рекол неколкупати, а и други претставници на институциите: ние немаме проблем да ги додадеме и Хрватите и Црногорците и Бугарите и други доколку мислат дека треба да бидат додадени. Но, секако тоа не треба да значи дека во моментот ние треба да го отвораме Уставот заради овие прашања. Јас верувам дека ќе биде доволно за Бугарија ако бара таква работа од аспект на преговарачкиот процес што го имаме. Тие се свесни затоа што и низ разговорите сме кажале, а многу е важно да знаат сите дека нема проблем во РСМ да бидат номинирани и други етнички заедници кои би биле составен дел на Уставот“, рече Заев.

И Османи, како и Заев, оцени дека е можно зелено светло во декември.

„Мислиме дека тие пет точки, заедно со шестата (а мислиме дека треба да има и седма точка – тоа е одлуката за одржување меѓувладина конференција), доколку може да се усогласат како пакет, мислам дека може да биде решение за надминување на разликите и ние ќе работиме на тоа. Нашиот прв таргет е 14 декември кога се одржува состанок на Општиот совет на ЕУ“, рече шефот на дипломатијата.

Тој подвлече дека разговорите со Софија се водат во рамки на декларацијата донесена од нашето Собрание и од насоките на Владата.

„Овој процес мора да ги изнесе како победници двете страни, инаку нема да има одржливо решение“, категоричен е Османи.

- Реклама -