Филипче: Уште денес ќе препорачам партиите да најдат начин од присутните на митинзите да бараат потврда за вакцинација

Одговори за тоа колку се почитуваат протоколите за заштита од Ковид-19 на партиските митинзи треба да се бараат кај надлежните институции, а проблемот е во тоа што самоиницијативно доаѓаат граѓани кои не држат соодветно дистанца, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

„Се гледа распоредот на столчињата како се наместени согласно протоколите, веројатно проблемот е што дополнително луѓето кои доаѓаат од страна не ја запазуваат неопходната оддалеченост и целосното почитување на протоколите. Нема никакви договори, сите ние организаторите на митинзите си ветивме дека ќе направиме сѐ за максимум да се почитуваат протоколите,  имајќи предвид дека работиме со граѓани кои доаѓаат самоиницијативно на ваквите јавни собири“, рече Заев.

Прашан за почитувањето на протоколите во контекст на предизборната кампања, министерот за здравство Венко Филипче, пак, истакна дека иако нема официјална препорака за носење маска, пожелно е таа да се носи, но и да се создадат услови за можност за барање на сертификатите за вакцинација.

Прочитајте и:  Филипче: Зошто Унгарија ни позајмува пари со помала каматна стапка кога самата се задолжува по повисоки камати?

„Секаде каде што има влез и излез тоа би требало да се прави. Тешко е да се организира каде што се собираат граѓаните, но се согласувам дека забелешката ви е на место. Уште денеска ќе најдам начин да препорачам до сите политички партии да најдат начин сето тоа да биде искоординирано со влез-излез доколку е можно, за да се побара сертификат. Доколку може сметам дека ова треба да се организира во таа насока“, одговори министерот.

Добро е граѓаните, кога можат, да носат маска и на отворените митинзи, за да се заштитат себе си и другите, а официјална препорака досега немало затоа што прилично е стабилна ситуацијата со коронавирусот, објасни Филипче, потсетувајќи дека препораката за носење маски на затворено останува.

- Реклама -