СДСМ: Очигледно нон-пејперот е пишуван во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, за да може Апасиев да шири лажни вести

„Очигледно е дека фамозниот нон-пејпер е пишуван во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, за да може Димитар Апасиев да шири лажни вести и да се радува на Фејсбук и другите социјални мрежи“, порачаа денеска од СДСМ, од каде обвинуваат дека секогаш кога се наближува изборно соочување со граѓаните, паралелно се зголемува и интензитетот на лажни вести, конструкции и измислици од страна на опозицијата.

„Што друго може да се очекува од политички партии кои, наместо конкретни мерки и програми, нудат само лажни вести и невистини. Водењето држава и општини е посложено од пишување статуси на Фејсбук и тоа граѓаните одлично го разбираат и затоа одново ќе го казнат нечесното и неодговорно дејствување“, порачаа од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека СДСМ со лажни вести се обидува да ја дефокусира јавноста од одговорноста на Филипче за трагедијата во Тетово.

„Ваквите недоветни тактики на средношколецот советник Марјан Забрчанец, се показател за тоа како СДСМ ја разбира политика, сакајќи да одвлече внимание од оставките и моралната одговорност на Венко Филипче и Зоран Заев за несреќата во Тетово“, велат од опозициската партија.

Тие повикаа „СДСМ да го провери лап топот на Заев“ за да се увери кој е авторот на документот, а во меѓувреме, да одговорат на прашањата кои се поважни за јавноста:

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

„• Како се градени модуларните болници, од каков материјал и на кој начин?
• Дали министерството за здравство побарало од изведувачот минимум стандарди за градба на модуларните бараки?
• Колку е платено за нивната изградба и дали тоа соодветствува со добиениот производ?
• Зошто немало противпожарни апарати и систем за противпожарна заштита?
• Зошто немало доволно медицински персонал, и каква е таа здравствена заштита во која лекари се роднините на болните?
• Зошто било плаќано мито за грижа на пациентите?
• Кој од власта се заканува врз роднините на жртвите од несреќата и ги опоменува што да сведочат?
• Ако одделот за организиран криминал на обвинителството не води постапка, тогаш кој тоа го прави во обвинителството?
• Дали ОЈО ја слушна изјавата на премиерот кој призна дека е длабоко инволвиран во истрагата која мора да биде непристрасна и објективна?
• Што треба дополнително да се случи за да Зоран Заев и Филипче си поднесат оставки и ја ослободат истрагата?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -