Левица поднесе кривична пријава против Спасовски поради измените во личните карти

Политичката партија Левица денеска соопшти дека до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднеле кривична пријава против министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ – казниво по чл. 353, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена затворска казна од шест месеци до три години.

Како што велат од партијата, Спасовски се товари дека во својство на службено лице не го испочитувал текстот на законот и притоа свесно, злонамерно и противзаконски дозволил и овозможил промена на софтверот – системот за издавање на личните карти во МВР уште во јуни 2021 година. Со ова, велат, била извршена неповратна промена на податоците и содржината на обрасците на личната карта, барањето за издавање на лична карта и потврдата за поднесеното барање, пред да бидат донесени било какви измени на Законот за личната карта, со кои би се промениле податоците и содржината на наведените обрасци.

Прочитајте и:  Левица: Премиерот Мицкоски и министерот Тошковски го изгубија судскиот спор со Левица

„На овој начин, со своето свесно и комисивно деликтно дејствие – министерот Спасовски, намерно и со предумисла, извршил промена на содржината на податоците впишани во обрасците на личната карта, барањето за издавање на лична карта и потврдата за поднесеното барање, иако знаел и бил должен да знае дека наведената материја согласно Уставот претставува materia legis, утврдена единствено со Законот за личната карта.

Дополнително, пријавениот постапил спротивно на начелата на законитост, професионална етика, непристрасност и објективност и економично користење на средствата предвидени во Законот за внатрешни работи“, велат од Левица.

Оттаму велат дека очекуваат надлежното Обвинителство да ги земе во предвид, како што велат, издржаните факти и докази наведени во кривичната пријава, и по неопходниот распит на пријавениот, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за овој кривичноправен настан, да покрене обвинение против актуелниот министер за внатрешни работи.

- Реклама -