Заев: Не се разговара за карантини или посебни ограничувања, бројките се стабилизираат, веројатно мерките даваат резултат

Засега не се разговара за специјални карантини или за посебни ограничувања поради актуелната епидемиолошка состојба во земјава, изјави денеска премиерот Зоран Заев, истакнувајќи дека очекуваат дека по стабилизацијата на бројките на заразени со ковид, тие да почнат да паѓаат.

„Се надеваме дека бројките кои во последните неколку дена се стабилизираа, ќе почнат да паѓаат, особено ако се придржуваме до мерките и ако внимаваме“, рече Заев.

За епидемиолошката состојба во Тетово и Гостивар, односно зголемениот број случаи, премиерот вели дека главно се работи за граѓани со хронични болести. Сепак, потенцираше дека тоа што се случува кај нас со коронавирусот, се случува и во регионот и во светот, и според бројките, како што рече, и според смртноста. Според него, ако повеќе се внимава и граѓаните се поодговорни – и ситуацијата ќе биде подобра.

„Не би сакал да зборувам подетално од тоа што министерот за здравство и Комисијата го кажуваат, но јас како претседател на Владата, кој има обврска да ги следи параметрите, би рекол дека е добро што последните денови бројките се стабилизираат во Тетово и Гостивар. Тоа значи дека силата на вирусот се намалува, мерките веројатно даваат резултат, а и граѓаните повеќе внимаваат“, рече Заев.

Извор: МИА

- Реклама -