Ковачки: Левица му фрла гума за спасување на Заев

Законот за лична карта има доволно гласови во парламентот и без поддршката на СДСМ, порачаа денеска од БЕСА, заедно со тоа дека нема да се откажат, околу воведувањето на етничката припадност во личните карти, сметајќи, притоа, на поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, кои од самиот почеток не само што немаат против, туку и сакаат да се воведе она што премиерот Зоран Заев го договори со Касами кога му беа потребни гласовите на БЕСА за уставните измени за Преспанскиот договор.

Логиката на најголемата опозициска партија е дека со донесувањето на Законот со кој на Македонците ќе им се овозможи во личната карта да им пишува „Македонец“ – премиерот Заев ќе биде ставен во шах-мат позиција. Тоа повторно го објасни и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ – Драган Ковачки, кој смета, патем, дека темата повторно се актуелизира за да послужи за дефокусирање од „поразителните извештаи за криминал и корупција во највисоките редови на власта како и нереализираните ветувања за живот“ и за останување на Заев на власт по секоја цена.

„Нашиот став е јасен и познат уште од почетокот на годината кога беше актуелизирано прашањето, а тоа е дека ние како партија сме согласни да во личната карта стои националноста. И не само што сме согласни, туку ние инсистираме на такво решение.

Зошто?

Затоа што со ова решение Заев и неговата купи-продај политика се доведува во ќор-сокак, a лагите од договорот од Преспа ќе излезат на виделина.

Како?

Потсетете се кога Заев ги договараше Уставните измени со цел да го реализира договорот од Преспа…

За да ја добие поддршката од БЕСА, Заев им вети дека во личните карти ќе им даде можност да се впише националноста. Е сега, доколку такво нешто помине како Закон, тоа не би било никаков проблем за никого, дури ни за Бугарите, Грците итн, освен во еден случај.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Тој еден случај е кога во личните карти во националноста би требало да се впише Македонец!

Тука е веќе големиот проблем за Заев. Може да го замислам уште сега како им се извинува на Грците дека направил ненамерна и непромислена ‘тешка геостратешка грешка’ кога им го давал ветувањето на БЕСА и не предвидел дека така може да ги налути Грците“, напиша Ковачки на Фејсбук.

Притоа, тој обвини дека со блокирањето на законот Левица му фрла гума за спасување на Заев во момент кога „е изнесен на чистина“ и кога „само треба да се реализира неговата политичка егзекуција“.

„Внимавајте, не само што со блокирањето на овој закон за лична карта ќе му се помогне на Заев да го амортизира незадоволството кај БЕСА, а и нема да ги налути Грците со внесување на графа за Македонци, туку Заев со тоа преку Левица прави напад на ВМРО-ДПМНЕ, односно ‘ВМРОвците не разбирале европски вредности и не ги познавале европските конвенции’ “, образложува Ковачки.

Тој сумира дека ако им се дозволи на Македонците во личната карта да им пишува „Македонец“, тогаш целата македонска јавност ќе види што договорил Заев во Преспа и дали „идентитетот ни е бетон“. Во спротивно, смета Ковачки, Заев ќе има изговор пред БЕСА дека пречката е Левица, а притоа ќе остане сервилен кон соседите и ќе продолжи со нападите кон ВМРО-ДПМНЕ преку Левица.

„Затоа, законот за лична карта треба да се донесе!

Инаку, со лична карта може да се патува и надвор од Македонија, така да ова е уште еден проблем за Заев“, заклучува Ковачки.

- Реклама -