Влада: Изјавата на Закаријаш, доколку е прецизно пренесена, е целосно спротивна на португалскиот предлог

„Изјавата на државната секретарка за европски прашања на Португалија – Ана Паула Закаријаш, во однос на македонскиот јазик, доколку е прецизно пренесена, и по суштина и по методологија е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение“, велат денеска од Владата за МИА, иако МНР вчера имаше цел ден „да ја провери автентичноста“, а во бугарските и македонските медиуми на големо се објавува и реобјавува аудио снимката од изворната изјава на англиски јазик, која покажа дека португалската дипломатка уште и го нарекува македонскиот јазик „северномакедонски“.

Од Владата, иако сѐ уште несигурни што точно рекла Закаријаш, велат дека ваквите изјави никако не помагаат во процесот на градење доверба и заедничко разбирање и дека контекстот и моментот се крајно сензитивни.

„Затоа, ги повикуваме претставниците на земјите кои се вклучени во процесот и кои не ги познаваат целосно и добро приликите во Северна Македонија и Бугарија, да се воздржат од какви било квалификации или објаснувања на процеси поврзани со нашите национални прашања“, порачуваат од „Илинденска“ бр. 2.

„Македонскиот јазик е едно од клучните идентитетски обележја на македонскиот народ, меѓународно признаен и кодификуван јазик со своите уникатни специфики, потврден со Договорот од Преспа и запишан во личната карта на Северна Македонија во Обединетите Нации, и израз на неприкосновеното право на македонскиот народ на самоопределување и дигнитет“, подвлекуваат, исто така, од Владата.

- Реклама -