Бугарија го потврди ветото, инсистира „РСМ да се откаже од територијални, малцински и историски претензии“

На денешниот редовен состанок на Советот за општи работи во Луксембург Бугарија ја потврди својата позиција во однос на европската перспектива на Република Северна Македонија, но истовремено останува отворена за конструктивен дијалог со претстојното Словенечко претседателство на Советот на ЕУ за изнаоѓање на взаемно прифатливи решенија, објави Министерство за надворешни работи на Бугарија.

Како што се вели во соопштението, заменик министерот за надворешни работи – Румен Александров, кој ја претставуваше Бугарија на состанокот, потврдил дека Рамковната позиција на Бугарија, поткрепена со Декларацијата на бугарското собрание од 10 октомври 2019 година во однос на европската перспектива на државава, останува валидна.

„Бугарија ги продолжува консултациите со Скопје за исполнување на Договорот за пријателство и добрососедство. Приоѓаме конструктивно и добронамерно, но очекуваме Република Северна Македонија да пристапи кон исполнување во пракса на преземените – на високо ниво на 17 јуни 2021 година во Софија – ангажмани, што ќе дозволи да се придвижиме во поволна насока.

Тоа вклучува категорично откажување на Република Северна Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, потоа промена на натписи/споменици кои поттикнуваат омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија, како и активирање на процесот на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам репресирани поради својата бугарска самосвест“, истакнал Александров.

Тој додава дека независно од двостраниот дијалог меѓу двете држави, Бугарија продолжува да инсистира „исполнувањето на Договорот за добрососедство од страна на Република Северна Македонија да биде вклучено меѓу условите во идната Преговарачка рамка за приклучување на Скопје кон Европската унија“.

Во однос на Албанија, Бугарија дала висока оценка за постигнувањата во процесот на реформи и ја потврдила поддршката за прифаќање на преговарачката рамка со Албанија, информира бугарското МНР.

По крајот на состанокот на Советот за општи работи, бугарската делегација земала учество во меѓувладините конференции со Република Србија и Република Црна Гора, се додава во соопштението.

- Реклама -