Заев го послуша Коѕијас: На дресовите мора јасно да стои дека ја претставуваат „Северна Македонија“, независно од иницијалите на ФФМ

ФОТО: Од пречекот на фудбалерите откако обезбедија пласман на ЕП

Приговорите од Грција за начинот на кој името на државава е прикажано на дресовите на националниот фудбалски тим на Европското првенство, се адресирани и ќе бидат решени врз основа Преспанскиот договор – одговориле од кабинетот на премиерот Зоран Заев за грчката државна „Атинско-македонска новинска агенција“ (АНА-МПА) и грчката државна телевизија ЕРТ, објавија грчките медиуми.

„Веќе го покренавме прашањето со самата Федерација и ќе го решиме врз основа на Преспанскиот договор, правилата на УЕФА и традицијата, во претстојниот период“, одговорил писмено Заев.

„Цела Европа знае дека нашиот национален фудбалски тим ја претставува Северна Македонија на Првенството. Дури и ако Федерацијата не е јавен ентитет, националниот тим е таков ентитет, како што е во сите земји во светот. Оттаму, јасно е и треба да е јасно на сите нивоа и на сите, дека тоа е националниот тим на Северна Македонија, без оглед на иницијалите на Федерацијата на дресот“, напишал Заев, пренесува „Катимерини“.

„Имплементацијата на Преспанскиот договор е процес кој е во тек и нашата цел е постепено да наоѓаме решенија со нашите соседи… за нѐ носат напред врз основа на соработката и меѓусебната почит“, додал Заев.

Ваквиот одговор на премиерот следува откако на само неколку часа пред почетокот на Европското првенство, Грција поднесе жалба до УЕФА тврдејќи дека „ФФМ“ не смее да стои на дресот на нашата репрезентација, но и дека е неприфатливо да го користиме кодот „МКД“ на Европското првенство.

Министерот за надворешни работи – Бујар Османи, на тоа одговори со објаснување дека ФФМ, затоа што е независна од државата и не добива државни пари, нема обврска да го усогласи името според Преспанскиот договор.

Премиерот Заев, меѓутоа, се чини дека ја следи логиката на екс-министерот за надворешни работи на Грција, а воедно и потписник на Преспанскиот договор – Никос Коѕијас, кој аргументираше дека ФФМ не може да биде членка на УЕФА доколку не претставува меѓународно призната држава, а оттаму и дека не смее да се вика „Фудбалска федерација на Македонија“, затоа што „Македонија е непостоечка држава, а државата што постои е Северна Македонија“.

- Реклама -