Заев: Европа е должна да нѐ држи мотивирани за да продолжиме по европскиот пат

„Ако испорачуваме и Европа мора да испорачува, затоа првата порака е таа – да продолжат процесите, затоа што, во спротивно, се развиваат нон пејпери и дискусии за нови етнички граници, нови граници на држави. А тоа, знаат и децата, е можно само со пушки и со оружје. Не нѝ треба тоа, 21 век е“, вели премиерот Заев во интервју за „Еуроњуз Албанија“ (Euronews Albania).

Тој истакна дека сериозно верува дека, ако Европската Унија затајува и ги забавува процесите, со тоа се создава плодна почва ем за нон пејпери, ем за стратегии кои, како што рече, ќе се развијат во нешто кое што нашите народи овде не го посакуваат.

Во светот се развива ерата на четвртата индустриска револуција, потсетува Заев, потенцирајќи дека и Балканот е навистина променет, заради европската иднина којашто сите ја посакуваат.

Во интервјуто, Заев посочи и дека е многу важно и тоа што нашата држава, Северна Македонија, „е доказ дека мултиетничките општества може да бидат голема предност и поука и пример и за сите други земји“.

„Сето тоа е возможно со европската мотивација, Европа е должна да нѐ држи мотивирани за да продолжиме кон нашиот европски пат“, вели премиерот, оценувајќи дека  национализмот и шовинизмот ги има насекаде во светот, но дека на Балканот се видливи и затоа не треба да се потхрануваат. Тоа, порача Заев, ги уништува уништува перспективите на младите и новите генерации.

„Сите ние имаме посебно национално чувство и топлина во нашите гради, но сите ние сме должни да им оставиме на децата европска иднина. Затоа верувам во онаа обединетост на различностите, што е симболот на ЕУ“, вели премиерот за Euronews Albania.

Тој изрази увереност дека „Европа навистина ќе остане Европа“, односно ќе продолжи да биде солидарна и во својата филозофија на формирање и опстојување како уникатен пример во светот, ќе продолжи да постои и да се унапредува.

„Затоа што иднината на светот е преку развивање на демократските вредности, преку слободите, преку обединетост во различностите да се остварува просперитет и иднина на целиот свет, па така и на европскиот континент“, вели Заев.

- Реклама -