Заев: Гаранцијата на Мијалков е доказ дека се украдени милиони од државата

Сумата од 11 милиони евра кои Сашо Мијалков му ги понуди како гаранција на судот за мерката (затворски) притвор да му биде заменета со куќен притвор, според премиерот Зоран Заев, е доказ дека од државата се украдени милиони.

„Прочитав во медиумите дека е дадена толкава гаранција, иако не сум сигурен колку е точен износот и каков се имот е предложен. Што да кажам? Welcome to the club! Се покажува она што го тврдевме како опозиција – дека милиони од државата се украдени на нелегален начин“, рече Заев во интервјуто за „Фокус“.

Како што претходно објавија медиумите, гаранцијата од 10.8 милиони евра за ексдиректорот на УБК ја понудиле правни лица, односно повеќе фирми, согласно член 150 став 2 од ЗКП, за кои Управата за финансиска полиција нема отворено истрага за потеклотот на имотот бидејќи Обвинителството тоа не го побарало.

Според податоците од Централниот регистар, ексдиректорот Мијалков е запишан како сопственик на Фондацијата „Свети маченик Димитриј Солунски“ од Скопје, на боксерскиот клуб „Јордан Мијалков“, се води како сопственик и на фирма за подготовка и послужување пијалаци „Спин груп“ и во деловно неактивниот полициски боксерски клуб „Безбедност“. Листата фирми во кои како сопственик се јавува неговиот син Јордан Мијалков, пак, е значително подолга.

- Реклама -