Заев: Отсекогаш сме имале внатрешен критички осврт во партијата, без тоа немаше да бидеме победници и да ја задржиме поддршката од граѓаните

„Ние секогаш сме имале внатрешен критички осврт во СДСМ. Тоа нѐ одржува како победници. Доколку го немаме внатрешниот критички осврт и отвореност во дискусијата, нема да може да ја задржиме довербата кај граѓаните до крај“, рече премиерот и претседател на СДСМ – Зоран Заев, во гостувањето во Дневникот на „МТВ“.

Како што истакна тој, дел од победничкиот рецепт на партијата е и здравата смена на генерации. Повлекувањето на досегашната потпретседателка на партијата Радмила Шекеринска, е дел од таа смена на генерации, посочи тој.

„Радила Шеќеринска самата го најави нејзиното повлекување, бидејќи смената на генерациите е здрава. СДСМ победува, но и се менува. Во СДСМ се случува нормална смена на генерации, дел од која ќе биде и мојата позиција, бидејќи најавив дека ќе бидам премиер само два мандата. Луѓето кои веќе не се партиски функционери сработија многу и тие сѐ уште имаат државни позиции, имаат што да работат уште. Ние секако треба да го шириме кругот на активните луѓе“, истакна Заев.

Промените, додаде тој, даваат нова енергија која што е потребна на сите, а досегашните високи партиски функционерии, кои сега не се дел од новото раководство на партијата, ќе продолжат да работат за државата, уверува премиерот.

„Постојано имаме новини, дали претседателот го бираат сите членови, дали вградуваме жени и млади во партијата. Сето тоа е наша обврска пред граѓаните на кои што им служиме. Јасни се коментарите на Радмила, има таа уште многу што да каже за својата земја и за партијата“, рече Заев.

- Реклама -