Санчез: Му оддавам почит на премиерот Заев, можете да сметате на поддршката од Шпанија кон ЕУ (ВИДЕО)

Премиерот, но исто така и сите граѓани на Република Северна Македонија, треба да знаат дека Шпанија е земја која е цврсто посветена на влезот на нивната земја во Европската Унија – порача вчера попладне, по состанокот со премиерот Зоран Заев, неговиот шпански колега – премиерот Педро Санчез.

„Само што ја завршив средбата со премиерот на Република Северна Македонија, со мојот пријател Зоран Заев, и пред сè би сакал да кажам дека состанокот беше многу плоден, дека и двајцата како претседатели на нашите влади, сме посветени на зајакнување на билатералната соработка, економското закрепнување и политичките односи меѓу двете земји“, истакна Санчез во видео порака до македонските граѓани.

Тој потенцира дека Шпанија го поддржува нашето членство во НАТО и секогаш ќе го поддржува нашиот влез во Европската Унија.

Освен тоа, шпанскиот премиер подели и куп пофални зборови за премиерот Заев и неговото раководење.

„И, исто така, би сакал да му оддадам почит на Зоран како личност, на мојот пријател Зоран, на неговата младост, но и на неговото раководство.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Тоа е реформско раководство, кое е во корист на граѓаните на Северна Македонија, кое што несомнено претставува важен скок напред во сетот реформи кои што се спроведуваат и се од корист за нејзиниот (Северна Македонија) влез во Европската Унија. Следствено, тој може да смета на поддршката на Шпанија. Се надевам дека наскоро, порано отколку подоцна, во Европската Унија.

Исто така, нема сомнение дека тие можат да сметаат на целата наша волја и помош за соработка од политички аспект, но и од економска гледна точка во однос на шпанските инвестиции во Република Северна Македонија следните години“, порача шпанскиот премиер.

- Реклама -