Заев со честитки до болните пратеници и Собранието, згрозен е од изјавата на Мицкоски

Честитки до граѓаните, честитки до пратениците од парламентарното мнозинство затоа што се справиле со сите блокади, и честитки до Собранието, спикерот Талат Џафери и собраниските служби затоа што обезбедиле соодветни услови за работа и спровеле гласање според сите протоколи со целосна заштита на здравјето на сите пратеници и целосна изолација на двајцата позитивни – упати премиерот Зоран Заев по изгласувањето на законите со кои ќе се реализира петтиот пакет економски мерки.

Со овие мерки на Владата конечно ќе се засили заздравувањето на економијата, тврди Заев, посочувајќи дека
мерките се за исплата на плати за работниците за месеците февруари и март, потоа за финансиска помош за самостојните вршители на дејност, како и за ослободувања од плаќање аконтации на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2021 година.

Посебни честитки Заев упати до пратениците од владејачкото мнозинство, кои и покрај тоа што се болни од Ковид-19, со скафандери дојдоа и гласаа на седниците. И покрај околностите, овие пратеници целосно се вложиле, покажале одговорност и биле на висина на задачата за да изгласаат носење на законите во интерес на итната потреба на граѓаните, оцени премиерот.

Заев го адресираше и ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, според кого денешните настани, а не оние на 27 април 2017 година, претставувале „тероризам“.

Прочитајте и:  Ќе се формира посебно тело кое ќе утврдува како се трошела КОВИД-поддршката за компаниите

„Со згрозување ја примив информацијата дека за Христијан Мицкоски овој чин бил тероризам. Мицкоски се дрзна гласањето помош за граѓаните да го нарече тероризам, а за крволочниот напад на Собранието на 27 април во кој и тој беше дел, сѐ уште не нашол начин и волја да го осуди.

Очигледно е дека ваквото неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, ваквото безобразно блокирање на народната волја во Собранието е директно мотивирано и предизвикано од Мицкоски. Мицкоски и неговиот соработник Апасиев правеа сѐ да си ја задоволат пустата желба да предизвикаат проблем во владејачкото мнозинство, при тоа решени да одат до крај дури по цена на загрозување на личната економска егзистенција на илјадници граѓани кои ја чекаат помошта.

Доказ за нивната фрустрација е последниот очаен потег со кој Мицкоски бара од Претседателот на државата да не ги потпишел усвоените закони со што уште еднаш непромислено потврдува дека работи против народот и дека презема чекори народот да не добие помош. Но, попусто им е. Денес Мицкоски и Апасиев можат само да жалат, блокадата не им успеа, мнозинството и во најтешки услови докажа дека е стабилно и силно и дека функционира. Народот победи, помошта ќе биде испорачана!“, порача Заев.

- Реклама -