Мицкоски за пописот: Не само влезната, туку ни врата од двор нема да им отворам

„Денеска имаме над 30 починати. Ближиме до бројката 1.500 заразени. Животот нема реприза, за ова ќе има одговорност“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во „Што не е јасно“ на ТВ „Алфа“.

Во поглед на вакцините, тој обвини дека власта е неспособна, затоа што се потпрела на една варијанта – на ветувањата дека ќе добиеме вакцини од Ковакс системот. За една држава и власт, таквото играње на една карта е недозволиво, оцени Мицкоски.

Иако вчера порача дека штом се вакцинираат попишувачите, ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе го поддржи пописот, Мицкоски денеска повторно порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе повика граѓаните да си го заштитат здравјето. Тој го повтори ставот дека заканите со казни и кривични пријави за тие што нема да отворат врата се „чиста глупост“ и граѓаните не треба да се плашат.

„За да дојде некој кај мене дома и јас да му отворам врата за да се попишам, мора тој да биде имунолошки подготвен. Ако пописот почнува на 1-ви април, тогаш тој нема да биде имунолошки подготвен. И јас вратата нема да ја отворам и не само јас, туку и стотици наши граѓани“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа ќе го сторат и неговите родители.

„Луѓето нема да отвораат врата за да се попишуваат. Еве јас ќе бидам тој кој нема да отворам врата, моите родители ќе бидат. Едноставно не сакаат; покрај мене и моите родители поминаа исто така низ еден тежок период. Јас и илјадници, стотици граѓани нема да отвориме врата, а нека си тераат Венко, Заев и директорот на ДЗС Апостол Симовски попис, па ќе видат како ќе заврши тој попис“, рече тој.

Прочитајте и:  Левица: Премиерот Мицкоски и министерот Тошковски го изгубија судскиот спор со Левица

Според Мицкоски, токму поради тоа што многу граѓани нема да отворат врата од страв поради своето здравје, пописот нема да ги даде потребните податоци за понатамошно планирање на развојот на државата. „Тогаш зошто трошиме пари? Зошто правиме таков попис?“, аргументира тој.

Мицкоски посочи и дека и Хрватска, Бугарија и Романија, особено и Србија која е лидер по вакцинирани, не се доволно храбри па ги одложија пописите. Според него, проколите не го заштитуваат здравјето доволно.

„А кај нас денеска излегува Караџовски, излегува Симовски кои велат ‘најстрогите протоколи’… Кои најстроги протоколи кога денеска имаме 1.500 новозаболени и 30-тина луѓе умрени, меѓу кои и 24-годишни луѓе умираат. Знае ли тој, има ли памет што зборува? Да легне три дена со оние луѓе, да види како за здив се борат, да го прашам тогаш дали има протоколи“, критикуваше Мицкоски.

Според него, ваквото однесување е бесрамно. „Одбивам да бидам дел од тоа, не само вратата, туку и дворот ќе го затворам ако треба“, порача тој.

 

- Реклама -