„Почитувани членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, вчерашниот ден беше разочарувачки за сите нас од три причини. Прво, владата на Заев опстана. Не ѝ беше изгласана недоверба и овој факт не може и не смее да го направи среќен било кој наш член или симпатизер без разлика дали се согласува или не со политиките на актуелното раководство“, пишува поранешниот министер за здравство во владата на Груевски – Никола Тодоров, на Фејсбук.
„Никогаш не сум ликувал и никогаш нема да ликувам на било кој пораз на ВМРО, без разлика на тоа кој го води ВМРО и дали лично се согласувам или не со претседателот на партијата. Затоа велам, жалам што опстои владата предводена од Заев и СДСМ.
Втората причина за разочараност е фактот што излезе на виделина лагата дека има ново парламентарно мнозинство предводено од ВМРО. Кај сите членови се подгреваше лажна надеж од страна на Мицкоски дека владата е готова, падната, и дека за неколку дена ова ќе биде реалност. За жал, Заев на еден брутален начин, политички, го тресна од земја Мицкоски по стоти пат. Јасно е, сѐ додека Мицкоски е на чело на ВМРО, Заев ќе си игра мајтап со ВМРО и ќе биде на власт во државата. Мицкоски си оди, Заев си оди!“, пишува понатаму Тодоров.
Третата причина за разочараност, како што вели, е што сопартијци очи си вадат по социјалните мрежи, со погрдни зборови и лоши мисли. Причината за длабоката поделба Тодоров повторно ја лоцира во Мицкоски.
„Мицкоски си оди, ВМРО се обединува!“, смета тој. „Само сплотени можеме да станеме модерна, европска, центар десна партија и само така ќе си ги повратиме изгубените над 150.000 гласови. Или ќе останеме робови на минатото или ќе покажеме храброст и визија за иднината. Да живее Европска Македонија!“, пишува Тодоров во постот.