Вакцини од Фајзер ќе стигнат до крајот на март, но во меѓувреме можете да играте „Ваксајн“ на Play Store

Договорот од Фајзер стигна, веројатно и министерот ќе соопшти, во првиот квартал, тоа значи до крајот на март, ќе ги добиеме тие 21 илјада од Фајзер. Веќе имаме во вториот квартал поголеми количини и во третиот и четвртиот се најголемите количини“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, прашан дали не е несериозно што како држава немаме конкретен датум за тоа кога ќе пристигне било која од вакцините.

Според него, не се работи за несериозност, а Владата и Министерството за здравство направиле и повеќе од доволно:

„Не се работи за несериозност, затоа што знае целиот свет, а знае и целиот наш македонски народ, дека единствена причина е недостатокот на производство во делот на количините за било која вакцина. Тоа е проблемот.

Ние сме мала земја. Сакам да го осигурам и му гарантирам на нашиот народ дека како Влада, како Министерство за здравство, имаме направено повеќе од тоа што е доволно, имајќи во предвид дека ќе треба 1 милион народ отприлика да се вакцинира за да ја постигнеме имунизацијата, за која што би било потребно да има 2 милиони вакцини. Ако ги броите 800-те илјади од Фајзер, 833 илјади од Ковакс механизмот, 400-тини илјади имаме (два пати по 200.000) од Кина, 200 илјади имаме нарачано од Русија, имаме дополнително од Европската унија согласно грантот од 70 милиони евра, донациите коишто дополнително ги најавија сите соседи… стигаме до 2.5 милиони.

Значи сме направиле исчекор повеќе за да ги фатиме сите механизми и сите алатки да направиме договори, преддоговори, некаде дури и анекс да платиме, сѐ со конечна цел да преземеме сѐ што е неопходно. Јас верувам дека навистина, како што реков пред некој ден, денови се во прашање“, рече премиерот.

Тој ја искористи приликата и да апелира дека сите треба да се вакцинираме и да ги следиме упатствата на експертите, на министерот за здравство и на Комисија за заразни болести, затоа што само на тој начин ќе ја совладаме ковид-19 пандемијата.

Во меѓувреме, од вакцини, граѓаните можат да играат само „Zoki Vaksajn“ – игра за мобилен објавена на „Play Store“ за Android во последниот квартал од февруари (што би рекол Заев). Се работи за пародија инспирирана од ултра-популарната „Flappy Bird“, со тоа што овде контролирате насмеан Заев на „Пут у ЕУ“ и попат избегнувате барокни столбови и собирате вакцини, со „Воинот на коњ“ во позадина. За секоја собрана вакцина добивате звучна нотификација со гласот на Заев која вели „Фајзер ваксајн“, а ако изгубите, добивате „Мало сутра“.

- Реклама -