Авторот на пародичниот „ваксајнс.мк“ заврши во полициска станица: „Ни на крај памет не очекував…“

Единицата за компјутерски криминал на МВР денеска го откри и го повика на разговор авторот на доменот „vaksajns.mk“, кој се појави како пародија на официјалниот сајт за пријавување за вакцинација на Министерството за здравство, очигледно инспириран од лошиот англиски на премиерот Зоран Заев.

Авторот – Адил Бакиу, самиот се огласи на Фејсбук за да соопшти дека полицијата „му влегла во трага“:

„Краток апдејт: во 13:30 сум поканет во ПС Карпош на разговор околу доменот vaksajns.mk. Единицата за компјутерски криминал мене брзо ми влезе во трага и брзо ме поканија за обично пренасочување кон сајтот на МЗ, за разлика од предметот за девојчињата од Струмица чии инкриминирачки материјали биле споделувани насекаде и не успеваше да ги најде сторителите 2 години“, напиша Бакиу пред да замине на разговор.

Повикот во полициска станица следуваше откако утрово Министерството за здравство го пријавило неговиот сатиричен домен, откако во текот на вчерашниот ден добиле пријави од збунети граѓани кои се обидувале да направат електронско пријавување. Од МЗ првично за „Фактор“ изјавиле дека станува збор за упад на официјалната страница (vakcinacija.mk), за потоа за „Плусинфо“ да се самодемантираат:

„Веб страницата www.vakcinacija.mk не е хакирана, ниту пак некој извршил упад во неа. Во текот на вчерашниот ден се појави vaksajns.mk, креирана страница позади која не стои Министерството за здравство. Бидејќи оваа лажна веб страница ги доведува во заблуда граѓаните кои сакаат да пополнат апликација со што ќе искажат интерес за вакцинација против ковид-19, случајот утрово беше пријавен во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи“, велат од МЗ.

Како што граѓаните можеа да се уверат уште од самото појавување, доменот „ваксајнс.мк“ единствено ги пренасочува посетителите кон официјалниот веб сајт за пријавување за вакцинација. Тоа го потврдува и Бакиу, од чии коментари на социјалните мрежи е евидентно дека не се согласува со констатацијата на „Фактор“, кој повикувајќи се на свои извори напиша дека пародичната веб страна е креирана од лице „кое е одличен познавач на компјутерската технологија“.

„Беа коректни со мене, објаснив за што станува збор. Се интересираа да не сум наплатувал за кликови, но утврдија дека јас немам никаква финансиска корист од тоа. Веб страницата ја отворив откако премиерот Заев го употреби терминот ‘ваксајнс’, па од тие причини сметав дека би било корисно да постои и таква страна. Откако беше отворена официјалната, направив можност само да се пренасочува страницата кон онаа на Министерството. Тоа не е упад, тоа е само стрелка, пренасочување кон официјалниот сајт. Ако не им се допаѓа, може и да се избрише“изјави Бакиу за „А1он“ по разговорот во полициската станица Карпош.

Сепак, на Фејсбук тој предупреди и на сериозната димензија на она што му се случува:

„Ви благодарам на сите на поддршката, иако до ова не требаше да дојде, ни на крај памет не очекував.

Во ПС само разговаравме како/зошто и толку беше, околу пола саат ме задржаа, иако ми изгледа многу опасно кога вакви сатирични случаи се спроведуваат од органите на власта многу побрзо од оние што се навистина сериозни. И ова не е перцепција“, порачува Бакиу.

Во меѓувреме, од Министерството за здравство потенцираат дека единствената веб-страница на која граѓаните што се заинтересирани да се вакцинираат треба да се пријават – е „vakcinacija.mk“. Според нивните информации, до овој момент интерес пријавиле над 25 илјади граѓани.

Што се однесува до англискиот изговор на зборот „вакцина“, постојат две варијанти кои единствено се разликуваат по акцентот, врз основа на тоа дали зборувате британски-англиски или американски-англиски. Ниту една од двете варијанти не гласи „ваксајнс“, како што премиерот го изговараше во дебатата организирана пред неколку дена од Атлантскиот совет, во која учествуваа и  поранешниот генерален секретар на НАТО – Лорд Џорџ Робертсон и извршниот потпретседател на Атланскиот совет – Дејмон Вилсон.

- Реклама -