Премиерот Заев го цени коментарот на Мерко, но од препораките на УНЕСКО не отстапува

Ги почитува определбите и ги цени коментарите на сите во државата, но нема да отстапи од зашитата на Охридското езеро и охридското крајбрежје, порача премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко дека барањата на УНЕСКО се неприфатливи.

Според Заев, изборот е меѓу тоа да се дозволи да се гради сѐ и сешто или да се почитуваат препораките на УНЕСКО, што значи остранување на сите бесправни објекти во заштитениот регион и Планот за заштита на оваа организација. Тоа е определба на речиси 100% од граѓаните, а нивниот збор е последен, истакна премиерот.

„Нема да отстапиме од која било определба, без разлика какви било политички реперкусии би се случиле од поединци, односно граѓани што имаат бесправни градби. Ние ќе опстоиме на овој план“, рече Заев.

Тој додаде и дека Законот за легални градби јасно утврдува што е дозволено да се легализира, а што не, а во однос на евентуалните материјални загуби на општината, на кои предупреди Мерко, порача дека државата стои на располагање да помогне и да интервенира со цел да се надоместат тие загуби.

 

- Реклама -