Лошиот ранкинг според индексот на корупција е благодарение на режимските инсталации на ВМРО-ДПМНЕ, тврди Костадинов

„Секако дека важни се таквите извештаи, тие практично ја претставуваат перцепцијата на граѓаните во однос на бербата против корупцијата“, изјави портпаролот на СДСМ – Костадин Костадинов, на денешната прес-конференција, прашан околу историски најнискиот досега ранкинг на Македонија на индексот за корупција на Транспаренси Интеренешнал.

Како што покажува извештајот на Transparency International, Македонија бележи пад од 5 места во однос на претходната година на листата за перцепција за корумпираност на државата и се наоѓа на 111-тото место, во друштво со Босна и Херцеговина, Панама и Монголија. Македонија и БиХ се на дното во регионот. Со оглед дека индексните поени се 35, како и лани, тоа значи дека земји што биле зад нас, сега нѐ поминале.

Според Слаѓана Тасева од македонското претставништво на TI, во изминативе пет години бројот на индексни поени за Македонија се движел од 37 до 35, со што и рангирањето било од 90-то до до неодамна најниското 107 место. Тоа, заедно со фактот дека методологијата е заснована на истражувања не постари од две години, според Тасева значи дека воопшто не сме напредувале во борбата против корупцијата.

Како што објаснува таа, овој историски најлош ранкинг откако се мери земјава, е резултат на сериозниот пад на клучниот иденкс на владеење на правото и правдата, но и падот на индексот на Фридом хаус за човекови права и слободи (повеќе ТУКА).

Според Костадинов и СДСМ, пак, за ваквото рангирање е виновно 11-годишното владеење на актуелната опозиција ВМРО-ДПМНЕ и „режимските инсталации“ кои сѐ уште се присутни во правосудниот систем:

„Сведоци сме сите дека 11 години корупцијата навлезе насекаде на нашето општество. Граѓаните очекуваат силна борба против корупцијата и секако очекуваат судски разрешници, но ние и граѓаните сме сведоци за режимските инсталации во сите нивоа од правосудниот систем.

Точно е, граѓаните имаат лоша перцепција кога гледаат дека најголемата опозициска партија го опструираше носењето на законот за јавното обвинителство, кога гледаа граѓаните како се бореше ВМРО-ДПМНЕ во однос на заштитата на криминалците во нивната партија. Токму поради овие причини борбата против корупцијата во акција 21 планот е ставен многу високо во агендата“, вели портпаролот на СДСМ и уверува дека наскоро перцепцијата на граѓаните во однос на корупцијата ќе почне да се подобрува:

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

„За спроведување и конечната борба против корупцијата особено ни е важно чисто и професионално судство и обвинителство. Најавивме прочистување на судството – тоа и се случува. Јас сум убеден и верувам дека како Собрание поставуваме добра основа да правосудните органи одлучуваат растеретени од било какви партиско-политички притисоци и верувам дека тоа ќе се потврдува и перцепцијата на граѓаните ќе се менува по секоја наредна судска одлука“, рече Костадинов за лошата оценка од Транспаренси Интернешнал и рангирањето на државава во друштво во кое баш и не би сакала да биде.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа дека со овој извештај се потврдува неспособноста, но и криминалното владеење на СДСМ:

„Денес Извештајот на Транспаренси Интернешнл ја потврди неспособноста на СДСМ. Со извештајот на Транспаренси Интернешнл СДСМ се потврдени меѓународни криминалци.

Доколку се мереше неспособноста на СДСМ во Транспаренси Интернешнл ќе бевме прво место па десет места празни.

Подобро се живее и подобро се справуваат со корупцијата во Косово, во Албанија, во Танзанија, Буркина Фасо, Колумбија, Брегот на Слонова Коска, Гамбија и ред други држави. Белорусија е на 63-тото место.

Македонија со Зоран Заев на власт стана легло на мафија, криминал и корупција. Единствено во Македонија се брани криминалот, а се казнува правдата.

Граѓаните на Република Македонија ќе го казнат Зоран Заев за овој катастрофален пад на Македонија во Извештајот на Транспаренси Интернешнл“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

 

- Реклама -