Османи во Грција: Дендиас побара (до)отстранување на ѕвездата од Вергина и строга употреба на „Северна“, дури и во порталите

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ја оствари првата официјална посета на Хеленската Република по неговото преземање на функцијата. Во Грција, покрај со неговиот колега и домаќин – Никоs Дендиас, Османи (ќе) оствари средби и со претседателката на државата Катерина Сакеларопулу, премиерот Кирајкос Мицотакис и алтернативниот министер за надворешни работи надлежен за европски прашања – Милтиадис Варвициотис.

„Вистинско задоволство е да се почне годината со ваква успешна посета на Грција. Нашите искрени намери се да го надминеме прагот на добрососедството, како коректен политички наратив, и да поставиме основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, како највисок израз на успешност на политиката и дипломатијата“, истакна Османи по средбата со Дендиас, соопшти МНР.

Шефот на грчката дипломатија порача дека евроинтеграцијата на Западен Балкан, вклучувајќи ја и земјава, мора да продолжи, за што најави техничка поддршка од Атина. Од друга страна, Северна Македонија треба целосно и конзистентно и со добра волја да го исполни Преспанскиот договор, истакна тој.

Конкретно, Дендиас оцени дека во овие две години по стапувањето на сила на Преспанскиот договор, завршена е доста работа во промената на името, но истата треба да продолжи. Како што посочи, новото име треба стриктно да се употребува во јавните институции, па дури и на веб порталите, а треба да се продолжи и со отстранувањето на програмата за антиквизација, со отстранувањето на „ѕвездата од Вергина“, како и со преименување на патиштата и други инфраструктурни објекти.

Фокус на разговорот на Османи и Дендиас беа воспоставување на рамката за следните активности што им претстојат на двете држави согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на Договорот за стратешко партнерство (познат како Договорот од Преспа). Покрај доминантните теми за интензивирање и унапредување на економската соработка, преку поголема соработка на стопанските комори, во делот на инфраструктурата, за меѓу граничните олеснувања на движењето на граѓаните, енергетиката, се разговараше и за понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог, за пријателството и добрите односи со соседите, како политики на градење заедничка европска иднина.

„Како непосреден сосед кој воедно е и членка на ЕУ, сметам дека е особено важна принципиелната поддршка од страна на Грција за почеток на преговорите со Северна Македонија, без одложување. Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план“, истакна Османи.

Во насока на засилениот ангажман на двете земји за збогатување на билатералната соработка, за време на официјалната посета на Османи се потпишаа три Меморандуми за разбирање меѓу двете држави за соработка во областа на инвестициите и надворешна трговија меѓу претпријатијата „Грција СА“ и „Инвест Северна Македонија“, за соработка меѓу министерствата за надворешни работи во едукацијата на дипломатите и за соработка во областа на цивилната заштита.

„Особено ме радува што денешната посета ја крунисавме со потпишувањето на три многу важни меморандуми за соработка. Отсекогаш сум велел дека економијата и бизнисот треба да ги предводат нашите односи, наша обврска е преку овие меморандуми, преку политичката соработка, да ги создадеме сите услови за натамошно унапредување на трговската размена, размената во областа на туризмот, инвестициите, како најважна и сигурно нај-опиплива придобивка за граѓаните. Пред нас стојат сериозни инфраструктурни и енергетски проекти: преку изградбата на интерконекторот за пренос на гас, поврзување на земјите преку гасовод, возобновување на постојниот нафтовод, учество во изградбата на гасниот терминал Александрополис, железничкото поврзување, патното поврзување и секако отворањето на новите гранични премини Маркова Нога-Лемос и Мајден-Промахои“, истакна Османи.

Како што претходно соопштија од кабинетот на грчката претседателка, и Сакеларопулу му потенцирала на Османи дека целосното, доследно и добронамерно спроведување на Преспанскиот договор е клучно за евроинтегративниот процес и билатералните односи меѓу двете земји. Од друга страна, таа оценила дека односите меѓу двете земји се во нов, продуктивен период, а тоа се потврдува и со редовните контакти на високо ниво. Сакеларопулу очекува уште поголема соработка во иднина, а уверува и дека Грција останува стабилен поддржувач на нашата европерспектива.

- Реклама -