Филипче: Во февруари добиваме 5850 вакцини, поголеми количини ќе пристигнат во март и април

Од вкупно 800.000 вакцини обезбедени за 2021 година преку директни преговори со производителот Pfizer, првата количина која ќе пристигне во февруари ќе содржи 5850 вакцини, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, оценувајќи ја информацијата како „одлична вест на почетокот на годината“.

Како што информираат од министерството, договорот бил постигнат утрово во телефонски разговор на министерот Филипче и висок претставник на компанијата.

По првата доза од 5850 вакцини, поголеми количини ќе пристигнат во март и април, додаде Филипче. Динамиката за остатокот од годината дополнително ќе биде утврдена.

„Нашата земја навремено почна со подготвоките за вакцинација против КОВИД-19 и постојната функционална и одлично поставена здравствена инфраструктура, каде досега се врши вакцинација за други болести, е подготвена за имунизација против корона“, велат од министерството.

Прочитајте и:  Владата досега не покажа никаква намера за продолжување на европскиот пат на земјата, смета Филипче

Тие посочуваат дека фрижидерите за вакцината на Фајзер (која се чува на -70 степени), ќе пристигнат во текот на месецов. Од министерството потсетуваат и дека вакцината против ковид-19 на Фајзер е одобрена од европската и американската регулаторна медицинска агенција – ЕМА и ФДА.

 

- Реклама -