Пишува: Иво Јосиповиќ (поранешен претседател на Хрватска), за Autograph.hr
УБАВА ЗЕМЈА, ДОБРИ ЛУЃЕ
Ретко кој не ја знае онаа прекрасна песна на Дадо Топиќ, насловена „Македонија“. Беше тоа поп-рок ода за преубавата земја и добрите луѓе од југот на тогашна Југославија, денес независна држава. Таму сонцето вечно сјае, пееше Топиќ, таму се луѓето и земјата што ги сакам јас.
Тој голем хит и се пее и денес, не само во Македонија, туку и меѓу многуте љубители на добрата музика. Речиси и да не треба да напоменувам дека седум-осминскиот такт, типичен за македонската нардона музика, е во основата на песната со препознатливиот екстатичен ритам кој клинците во музичките школи обожаваат да го повторуваат до недоглед: татети-тате-тате, татети-тате-тате…
Песната ја слика идилата на областите со натприродни убавини кои можат да ги замислат само оние кои навистина таму и биле. Како што и срдечноста на тамошните луѓе можат да ја знаат само оние кои ги посетиле.
Но, историјата на таа земја е сѐ само не идилична.
Малиот народ својот идентитет и државност трајно ги стекна дури во форма на република во поранешната Југославија по Втората светска војна, без оглед на историските проблесоци и важни битки и настани околу кои денес постојат спорови со соседите.
Како и да е, Македонија, денес Северна Македонија, е држава што својата иднина ја гледа во Европската унија, заедницата на европски држави и народи.
ПРЕЧКИ НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ
Ги читам вестите. Бугарија ја блокирала Македонија на патот кон ЕУ. Ух, простете, Северна Македонија. Ми останало од времето кога таа убава земја го носеше изворното име.
Често ме предупредуваа дека треба да ја именувам според ОН-овското Former Yugoslav Republic of Macedonia односно Бивша Југословенска Република Македонија.
Имено, и покрај некогашното уставно име Република Македонија, во Обединетите нации, поради противењето на Грција на тоа име, Македонија, сега Северна Македонија, го користеше тоа име во меѓународните организации бидејќи тоа беше услов да може да учествува во нивното работење.
И на Македонците им беше драго да го чујат името Македонија. А мојот одговор секогаш беше: Хрватска ја призна Македонија под тоа име и јас ќе го користам, без оглед кому му одговара, а кого не, сѐ додека го користат и самите Македонци.
Но сега кога Македонците го променија името на својата земја во Северна Македонија, треба да се користи тоа име.
Името, и не само името, беше red flag (опасност) за Грците. За нив Македонците и нивната држава не постојат. Анимозитетот кон соседите е голем. Иако тоа не ги спречуваше многу од Македонците да одат на грчко море, како ни Грците редовно да свраќаат во македонските казина сместени долж самата граница, да негуваат пријателства, да склучуваат бракови.
Последниве години во повеќе наврати ги посетував двете држави, се сретнував со нивните претседатели и високи функционери и имав прилика да се уверам колку е големо несогласувањето меѓу нив.
Не може да се рече дека за антагонизмот не придонесоа и самите Македонци. Сигурно на Грците им се креваше косата на главата од мега-споменикот на Александар Македонски и другите великани на грчката историја кои во Македонија ги прогласија не за стари Грци, туку за Македонци, а Грците тоа го сфаќаа како иредентизам и кражба на идентитетот.
Едно време изгледаше дека европската амбиција на Македонија е неостварвлива, дека државата со владејачкото ВМРО и премиерот Груевски е непопустлива и дека некаков договор со Грција, која навистина бараше многу отстапки, вклучително и речиси деструкција на националниот идентитет на Македонија и Македонците, нема да се случи.
Но, кризата и застојот на европскиот пат, односите на Македонците и Албанците, тензиите, од разни причини, и со Бугарија и со Србија, доведоа до промена на власта. Социјалдемократите на чело со премиерот Зоран Заев постигнаа историски договор со македонските Албанци и Македонија, денес Северна Македонија е држава која својата иднина ја гледа во Европската унија, заедницата на европски држави и народи, го утврди членството во ЕУ како главен државен проект.
По долгите преговори, Македонија и Грција го склучија таканаречениот Преспански договор, документ со кој Грција, за да го „одблокира“ почетокот на преговорите на ЕУ и Македонија, изнуди бројни политички, а и емотивно многу тешки отстапки од Македонија.
Прво, променето беше името на државата во Северна Македонија. Компромис за името, за да се избегнат стравувањата на Грција дека малата, 145-та држава во светот и по површина и по население, би можела да го загрози нејзиниот идентитет или интегритет.
Откако референдумот за прифаќање на Преспанскиот договор пропадна поради премала излезност, Заев, којзнае со каква магија, постигна двотретинско мнозинство во парламентот со што во јануари 2019 беше ратификуван Преспанскиот договор и на Северна Македонија ширум ѝ ја отвори вратата на Европската унија.
И грчкиот парламент, и покрај големиот отпор, го ратификуваше Договорот, па сликата стана идилична.
Северна Македонија го исполни она што од неа го бараа ЕУ челниците, ѝ удоволи на Грција и го прифати незамисливото: промена на името на државата, проследена со бројни други услови од идентитетска природа. Но, идила, всушност, немаше.
Опозицијата на чело со поранешниот премиер Груевски, Договорот го нарече предавство и геноцид, а претседателот Иванов одби да го потпише.
Беше тоа за Македонците тежок товар кој покажа дека во денешната политика сепак има визионери кои се во состојба да се издигнат над дневнополитичките страсти и рационално да оценат што е добро за државата и општеството.
Премиерот Заев тоа го знаеше. Како што знаеше дека треба да се решаваат внатрешните конфликти, па со албанската заедница реши многу отворени прашања, вклучително и незамисливото за десничарските националисти: албанскиот јазик стана втор службен јазик на Северна Македонија.
ЕВРОПА КАКО НЕЛОЈАЛЕН ПАРТНЕР
Но тогаш, шок. Европската унија не ги отвори, како што се очекуваше, преговорите со Северна Македонија, иако таа исполни сѐ што Брисел бараше од неа.
Па Заев поднесе оставка од позицијата премиер, покажувајќи чувство на одговорност кон народот кому за возврат на она што го доживуваа како жртва, му ветуваше европска иднина.
Неговиот краткотраен наследник Оливер Спасовски сепак доби важна сатисфакција за Македонците. На 17 март 2020 година, Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО.
Се покажа дека граѓаните на Северна Македонија, и Македонци и Албанци, без оглед на проблемите кои се јавија, ја поддржуваат европската индина на својата земја.
На идните избори социјалдемократите го добија претседателот на државата Стево Пендаровски, а на парламентарните избори и Заев како старо-нов премиер, политичари кои јасно и без задршка за својата земја сакаат европска иднина.
По сериозните критики на ЕУ за нелојалноста, и од самите членки, Европа сепак одлучи да продолжи со постапката и повторно на дневен ред дошло отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија.
Во тоа допринос даде и внимателната и резервирана хрватска дипломатија.
А тогаш нов шок. Бугарија, со која Северна Македонија мислеше дека одамна ги решила историските спорови, или дека барем ги направи политички ирелевантни, го блокираше отворањето на преговорите.
Условите кои Бугарија ги поставува на културолошки и историски најблиските соседи, се скандалозни, вистинска уцена. Директно или индиректно, бара Македонците да признаат дека се Бугари и дека Македонија во СФРЈ била измишљотина на комунистите и диктаторот Тито, дека не им постои ни нацијата, ни јазикот.
Да, и дека не е вистина дека бугарските војски во Втората светска војна војувале на страната на силите на Оската и како такви окупирале дел од Македонија.
Оттаму, вели Меморандумот на бугарската влада испратен до сите земји членки на ЕУ, Македонците треба да сфатат дека тогаш бугарските пронацистички сили всушност ги ослободувале и штителе своите. И затоа, секако, треба да го срушат споменикот на партизаните-ослободители од бугарскате окупација.
Не знам дали Бугарите се инспирирале од хрватската пракса во која се срушени стотина споменици на партизаните и жртвите на фашизмот, од кои некои се врвни дела на современата уметност. Веројатно и тие мислат, како и нашите усташофили, дека нивните фашисти, како и усташите, се всушност родољуби и херои.
Ако некој има зошто, тоа се Македонците кои треба да го ценат Тито и поранешната држава Југославија, не бидејќи им ги измислија, туку бидејќи им ги прифатија и признаа нивниот национален идентитет и државност.
АКО КОМШИЈАТА БЕШЕ ДОБАР, И БОГ БИ ГО ИМАЛ
Во Далмација велат, шегувајќи се за честите спорови поради семејно наследство, дека ако братот бил добар и Бог би го имал.
Македонците сигурно ќе можат да ја парафразираат оваа досетка и, за жал, сериозно да речат дека ако соседот е добар – и Бог би го имал. Мислејќи пред сѐ на Грција и Бугарија, незаборавајќи ја ниту Србија.
Хрватска не е физички сосед на Македонија, но е сосед „на далечина“ поради историјата, но и сегашноста. Не само поради заедничкото живеење во заедничката држава Југославија, туку и поради бројните пријателства, бракови, соработка од сите видови, на крајот и поради фактот дека меѓу Хрватска и Македонија немало некој позначаен спор.
Имаме и македонско малцинство, хрватско малцинство постои во Северна Македонија. Многу е активна Тангента, хрватско-македонското здружение за пријателство. Допринос за хрватското општество дале бројни Македонки и Македонци, доктори, уметници, стопанственици…
Затоа е жалосно што Хрватска, за разлика од неколку други членки на ЕУ, не реагираше на Маморандумот, а всушност националистички памфлет со кој Бугарија го злоупотребува фактот дека е членка на ЕУ и со целосно неприфатлива уцена сака да го негира постоењето на еден денес етаблиран народ.
Некои велат дека тоа е мамка на бугарскиот премиер Борисов за својата јавност за да го оттргне вниманието од корупциските афери. Дури и да е така, тоа е некоректно и неевропски.
Билатералните прашања, посебно оние со историска природа, никако не би смееле да бидат дел од европските преговори и услови. Сите историски спорови, ако ги има, а очигледно ги има, треба да се остават на историчарите.
Ете, Северна Македонија, по проблемите со Грција, има проблем и со Бугарија. Имаше проблем и со Србија и нејзините претензии.
А „соседот на далечина“ Хрватска засега прилично некоректно молчи. Хрватска, со тоа што и самата од соседна Словенија имаше некоректен однос и своевидна уцена поврзана не за ЕУ критериумите, туку за билатерални прашања, би требала да биде принципиелна и да направи сѐ што може Северна Македонија да има праведен пат кон влезот во ЕУ.
Знаеме, Хрватска сигурно не е од оние држави кои се клучни во донесувањето одлуки за проширувањето, но сигурно е дека јасната поддршка за Северна Македонија би била морално и политички исправна, сигурно и корисна на нашите пријатели Македонците.
Бидејќи на ЕУ ѝ се потребни сите држави на југоистокот на Европа, секако и Северна Македонија.