Борисов до Филипче: Вакцините ви ги донираме со најчисто срце, без никакви задни намери (ВИДЕО)

„Пренесете многу поздрави на колегите од Северна Македонија, на сите наши пријатели. Ова го правиме со најчисто срце и без никакви заткулиси; туку токму обратното, го правиме за здравјето и животот на нашите најблиски соседи“, порача премиерот на Бугарија Бојко Борисов на денешната владина седница на бугарската влада, каде „ценет гостин“, како што рече Борисов, беше „министерот за здравство на нашите браќа и сестри од Северна Македонија“ – Венко Филипче.

Посетата на Филипче на Софија, на покана на Борисов, беше по повод одлуката на бугарската влада дел од количините на вакцините што ќе ги набави да ги донира на Македонија.

На седницата, Филипче, освен што се заблагодари за поканата и навистина пријателскиот гест, како што го нарече, истакна и дека пандемијата покажала дека само со соработка можат да се решаваат проблемите и надминуваат предизвиците, а механизмот кој земјите од ЕУ, како што е Бугарија, го имаат на располагање – за директни преговори со компаниите производители на вакцини, е многу важен за Северна Македонија за тоа што побрзо да дојдеме до вакцини. Вакцинацијата на соодветен процент на населението, потенцираше министерот, е важна не само во рамките на една држава, туку и кај нејзините соседи, како клучен процес во справување со вирусот.

Освен поздрави, Борисов изрази и надеж дека следната година ќе се најде решение на спорот:

„Се надевам дека следната година ќе ги изнајдеме – заедно со колегата Каракачанов, Захариева и сите останати – неопходните решенија за да продолжи Северна Македонија по патот на ЕУ, како што ја поддржавме и за НАТО. Така што, ништо фатално се нема случено во однос на политичката волја и од двете страни да стигнеме до таму. А сега, поважно од здравјето и животот нема. Вчера со Каракачанов и со другите колеги од владејачката коалиција ја донесовме таа одлука да ги поддржиме министерот Ангелов и тебе“, му порача Борисов на Филипче.

Прочитајте и:  Филипче: Не можам да објаснувам потекло на пари за нешто што немам, немам ниту хациенда, ниту луксузно возило

„Подготвени сме да им помогнеме со вакцини против Ковид-19 на земјите од Западниот Балкан и Источното партнерство, откако ќе ги обезбедиме потребите на бугарските граѓани.

На денешната владина седница присуствуваше и министерот за здравство на Република Северна Македонија – Венко Филипче, кој ја изрази благодарноста на неговата држава во овие тешки времиња.

Солидарни сме со нашите пријатели во напорите за излегување од кризата причинета од Ковид-19. Тоа го правиме со најчисто срце и за животот и здравјето на нашите најблиски соседи“, додаде Борисов и на Фејсбук.

„Пријателите и соседите секогаш си помагаат кога е најпотребно. Неопходна поддршка за подобро справување од ковид-19 вирусот. Благодарност до бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерот за здравство Костадин Ангелов за помошта со донирање на вакцини против ковид-19 за нашата земја. Од секоја пратка на вакцини, кои директно Бугарија ги купила од производителите, дел ќе донира и на Северна Македонија“, напиша Филипче.

- Реклама -