Вице Заев: Брат ми е премногу мек кон Бугарија, но ја гледа големата слика; Нашата мајка секој ден плаче поради критиките

Премиерот Зоран Заев е премногу мек кон Бугарија, посебно кон навредливата реторика – смета и неговиот брат, Вице Заев.

„Брат ми е многу толерантен и премногу мек во однос на политичките случувања со Бугарија. Ми смета тоа што не реагира на многу провокации од источниот сосед“, вели тој во интервју за „Слободен печат“.

Сепак, Вице посочува дека и самиот премиер е свесен и се согласува со тоа, но дека во предвид ја има големата слика:

„Знам дека и тој се согласува со моите ставови дека не треба да биде толку мек, но ја гледа големата слика, има информации повеќе од нас, и затоа води таква политика. А, со тоа како ја води политиката се согласувам целосно затоа што вродува со резултат. Со потезите што ги прави и со Грција и со Бугарија ја става на ризик и сопствената и семејната кариера, но храбар е и тоа треба да се цени“, вели братот на премиерот.

Она што е неспорно е дека поради таа „мекост“ кон Бугарија, но и поради некои од другите политички постапки, премиерот Заев секојдневно се соочува со изобилство од критики, но и клетви и закани по социјалните мрежи. Вице Заев го потврдува тоа, но не смета дека тој и неговото семејство би биле нечија мета:

„Не се плашам од никого, знам дека на социјалните мрежи се пишува буквално сѐ, дури има и закани по животот на Зоран, но мислам дека никој не би дошол да ме нападне мене или брат ми поради политичка неиспомисленост. Мојата сопруга, ниту децата не се движат со обезбедување или со личен возач“.

Сепак, Вице открива дека нивната мајка секогаш плаче кога ги слуша критиките за премиерот:

„Нашата мајка секое утро плаче кога ги гледа утринските емисии и слуша сѐ што зборуваат за Зоки. За да не читам што пишуваат за мене и брат ми на социјалните мрежи, јас не користам социјални мрежи“, открива тој.

За повеќе (за семејните бизниси, за „плантажите со мapихуана“, за идните „планови“ во однос на политиката) прочитајте го целото интервју ТУКА

 

- Реклама -