Бугарија изразува жалење што заклучоците на Советот на ЕУ за Процесот на асоцијација и стабилизација, на денешниот амбасадорски состанок во Брисел, беа неочекувано и без објаснување блокирани од две држави членки – се вели во реакција на бугарското Министерство за надворешни работи, откако Чешка и Словачка не прифатија да биде усвоен текстот во кој беше вклучен делот за „погрешно толкување на историјата“.
Во соопштението на бугарското МНР се вели дека Бугарија е подготвена да ги чуе позициите и загриженостите што довеле до таквото решение, како и да продолжи да вложува напори за постигнување на консензус по прашањето на проширувањето. Во соопштението, притоа, се потенцира дека покрај Бугарија, претходно заклучоците ги одобриле и сите други членки:
„Бугарија го даде своето одобрување за заклучоците на Советот за време на второто заседавање на КОРЕПЕР на 16 декември, кога беше постигнат консензус од Германското претседателство. Во заклучоците, на инсистирање на Бугарија, беше додадена реченица за важноста на договорите на Република Северна Македонија со Бугарија и Грција, како и дека нивното исполнување ќе доведе до крај на сите претензии засновани на погрешно интерпретирање на историјата. За време на седницата, заклучоците беа одобрени од сите“, пишува во реакцијата.
Бугарското МНР, да биде иронијата поголема, предупредува дека денешното „вето“ (токму со тие зборови наведено во соопштението, иако формално Чешка и Словачка не ставија вето, туку точката за заклучоците беше тргната од дневен ред; исто како во случајот со неформалното вето од Бугарија) ризикува да ја поткопа довербата во ЕУ и ја спречува ЕУ да ги испрати нејзините неопходни сигнали до Западниот Балкан за да го стимулира продолжувањето со неопходните реформи кои земјите кандидати треба да ги исполнат.
„Како една од државите членки кои го поддржуваат проширувањето, Бугарија би сакала да го охрабри Советот да има конструктивен пристап во постојната ситуација и да го овозможи усвојувањето на заклучоците за време на актуелното Претседателство на Советот на ЕУ“, се вели во реакцијата.
Исто така, наведено е и дообјаснување:
„Заклучоците на Советот на ЕУ за прашањето на проширување немаат ништо заедничко со процесот на одобрување на преговарачките рамки со Република Албанија и Република Северна Македонија. Бугарија ја одобрува преговарачката рамка за Албанија и го поздравува дополнителното време за подобрување на рамката за Република Северна Македонија“.