Тешка импровизација, исполнување на концесии и потклекнување под притисокот на негирањето на македонскиот идентитет, со вклучени интереси кои се далеку од националните и државните – претставува за ВМРО-ДПМНЕ најавената реформа во образовната програма, според која предметот историја нема да се изучува како посебен, туку во рамки на предметот општествени науки, заедно со географијата и граѓанско образование.
Како што соопшти министерката за образование Мила Царовска, реформите генерално предвидуваат во наставната програма да има помалку предмети, па така и биологија, хемија, физика и географија ќе бидат соединети во „природни науки“.
Најавата за укинување на историјата како посебен предмет наиде на голема зачуденост во јавноста и предизвика силни реакции од академската фела, посебно од историчарите.
Според Царовска, меѓутоа, нема ништо спорно во тоа што предметот историја ќе се изучува во рамки на општествени науки заедно со други предмети. Таа категорично ги отфрла обвинувањата дека промената е на било каков начин поврзана со спорот со Бугарија и негирањето на македонскиот идентитет/јазик/историја.
Таа уверува дека се работи за развоен концепт базиран на домашни и меѓународни истражувања и анализа на воспоставени концепти за основно образование кои даваат одлични резултати кај учениците. Министерката уверува дека тоа не значи дека нема да се учи историја, туку напротив – дека заедно со правото на изборни предмети и воннаставни содржини, новиот концепт ќе придонесе учениците да учат не само фактографски (ќе помнат помалку факти) туку да учат и размислуваат и критички, низ тематски пристап, достигнувајќи го личниот потенцијал.
Според Царовска, со новиот концепт ќе им се овозможи на учениците да го создаваат своето образование уште од најмала возраст, а моделот многу наликувал на финскиот.
Во своето образложение, министерката го бранеше ваквиот концепт со прилично спорни примери (со оглед дека никој не го негира постоењето на озонот, на пример), како:
„За да можете да направите поврзување на тема култура, треба да ги поврзете сите општествени науки ако сакате да ја пренесете соодветно и еден ученик да осознае што е култура и како таа се развивала низ вековите, низ државите до денес и што денешната значи во споредба со културата од минатото. Второ, ако учите за озон, не го учите само од еден аспект, го учите низ сите природни науки за да може да го разберете и почитувате како таков, но исто така и да понатаму сакате и добиете желба да го истражувате во дополнителните предмети кои ви ги нуди училиштето“.
„Дали директно по налог на Зоран Заев денеска власта ја брише националната историјата од образовната програма Зошто на Заев би му пречело изучување и запознавањето на идните генерации со македонската национална историја? Што е целта на образовна програма која што во себе не би содржела елементи на националната историја?“, прашуваат, меѓутоа, од ВМРО-ДПМНЕ.
„Историјата памети кој бил на светлата, а кој на темната страна. Власта која сака да ја смени историјата, очигледно не припаѓа на кормилото на македонската држава и затоа многу брзо ќе биде сменета од народот… Живеат во Македонија, водат институции, а не сакаат народот да изучува за историјата на Македонија“, порачаа од опозицијата.
„Концептот презентиран од Царовска во овие моменти, вака како што е претставен, е далеку од образовен концепт“, тврдат тие. „Ова е тешка импровизација и смислено исполнување на концесии во која најмалку се водело сметка за образованието и неговата содржина. Оваа концепција не соодветствува со ниедна образовна програма во светот. Ова е концепт кој што е воден исклучиво за задоволување на нечии дневно-политички желби и потреби на една политичка гарнитура во заминување.
Оваа гарнитура го злоупотребува моментот за потреба од реформа на образовниот систем и во него вклопува интереси кои што се далеку од национални и државни. Оваа гарнитура го злоупотребува името на според рангирањата најдобриот образовен модел. Дури и во финската образовна програма постои историја како водечки предмет заедно со социјални студии од трето до деветто одделение.
Интегрирањето на предметот историја, без притоа да се нагласи дали се работи за националната или светската историја, во предмет општествени науки заедно со географија и со граѓанското образование, не може да се гледа подалеку од денешницата кога македонскиот идентитет, јазик, историја и културната посебност се под огромен притисок. Ова не може да се восприми подалеку од подвиткување под негирањето на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.
Кратењето на наставните програми и вакви општествени зафати кои што пред себе имаат за цел не образовни реформи, а ‘политички инжинеринг’, мора во себе да го имаат вклучено мислењето на сите релевантни научни институции, вклучително и експерти од полето на образованието. Вакви коренити образовни реформи со кои што се доведува под прашање што ќе биде избришано од македонската историја е недозволиво. Што е тоа и кој одлучил како ќе биде скратена програмата од образованието по историја? За кој дел од историјата на Македонија нашите деца и идните македонски поколенија ќе бидат лишени, сите идни генерации да не ја изучуваат вековната македонската историја?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Под превезот на реформа, тие препознаваат само обид за расцепкување на историските учебници и фрлање на историските факти во заборав, а сето тоа заради прилагодување на историјата кон политичките потреби на СДСМ. „Овој и ваков зафат остава впечаток само на рака поставена врз образованието од тешки тоталитарни режими, опишани токму од светската историја“, обвинуваат тие.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека „бришењето на предметот историја“ доаѓа во моменти кога Заев ретушира историја и преговара за идентитетот, па повикуваат да се повлече концептот и веднаш да се отвори широка и детална презентација на содржините кои се исфрлени и оние кои ќе останат во програмата. Освен тоа, опозицијата бара и детална јавна дебата во која ќе бидат вклучени сите релевантни фактори, институции, институти и научни титули, за да не се случи македонската историја да биде одземена од македонската иднина.